Што-е-многу-многу-е

Амазон одби книга заради пречеста хифенација

Еден автор се најде во чудо, откако негова самоиздадена книга со стотина позитивни критики беше повлечена од продажба од најголемиот трговец со книги на светот. Причина: „голем број зборови во книгата се напишани со цртичка". Ма-немој-молим-те.

Греам Рејнолдс е горд автор на роман-мешавина од научна фантастика, мистерија и митологија под наслов High Moor 2: Moonstruck, која самиот ја издал откако платил повеќе од илјада евра за нејзино професионално уредување, вклучително и лектура и коректура. Па сепак, еден читател испратил писмо на Амазон во кое се жали „заради фактот дека некои од зборовите во книгата се одделени со цртичка".

Не дека зборовите не се пишуваат така. Авторот очигледно си сака да си употребува такви сложенки, кои во англискиот се чести, па откако Амазон автоматски проверил колку ги има изброил 100 во роман со 90,000 зборови. Нивната реакција - писмо од 12 декември во кое Рејнолдс се известува дека книгата ќе биде повлечена заради „значајното влијание на ваквиот стил врз читливоста на книгата, оттаму и врз нејзината продажба". Што е уште посмешно, му дале рок тој да ги смени спорните зборови со „нормални", по што неговата книга повторно би можела да се продава.

Нормално, Рејнолдс збеснал како Амадеус, кога царот во филмот му рече дека во неговата музика има „премногу ноти". На неговиот блог детално ја раскажа случката, наведувајќи многу поголеми проблеми со кои се соочува Амазон од неговите зборови со цртички. Неговата статија беше толку читана (повеќе од 350,000 кликања), а коментарите против Амазон беа толку остри, што книгата е вратена во продажба онаква каква што е. Сега под неа има иронични коментари, како: „Ми се допаѓа ова издание без тиреа. Пред некое време ја прочитав онаа претходната верзија, и морав да минам една недела во болница. Бубрезите и џигерот ми откажаа и докторите рекоа дека морам да исконсумирам колку што е можно повеќе не-хифенирани публикации ако сакам да преживеам".

19 декември 2014 - 08:46