Goodreads е сајт за „социјално каталогизирање" основан во 2006, кој овозможува бесплатно пребарување на голема база на книги, цитати и препораки. Со едноставно регистрирање може да си направите сопствена „полица" на дела, да добиете предлози што да читате, како и да создадете или да се придружите на група читатели со слични интереси, заради дискусија и размена. Во јули 2012 сајтот излезе со бројка од 10 милиони членови и 20 милиони месечни посети. Е токму овој сајт сега го купи Амазон.
„Амазон и Гуд ридс ја делат страста за повторното осмислување на читањето", изјавил Рас Грандиети, потпреседател на Амазон, одговорен за содржините на Киндл. „Гудридс помогна во тоа како ги откриваме и како дискутираме за книгите, а пак преку Киндл Амазон помогна во ширењето на читањето низ светот".
Финансиски детали околу договорот не се откриени, но истиот би требало да се заокружи за некој месец. Еден од основачите, Отис Чендлер, изјавил дека приоритет по оваа продажба ќе биде интегрирањето на е-читачот на Амазон со Гудридс.
Во текст во Њујорк тајмс од почетоков на годинава е објаснета популарноста и очигледната значајност на сајтови како овој за издавачите и читателите. „Гудридс и помалите сајтови со слична содржина се обидуваат да го решат она што издавачите го нарекуваат 'проблем на тоа да бидеш откриен': како да ги водиш потрошувачите кон книги кои тие би сакале да ги прочитаат? Дигиталното доба создаде онлајн продавници кои тежат од нови книги, но читателите не знаат која од нив им одговара, тие едноставно се губат во преголемата понуда и на крај не купуваат ништо. Во исто време бројот на книжарници значајно се намали, па така и купувачите останаа покуси за копање по рафтовите и прашување на вработените за совет. Амазон навистина нуди препораки и некакви совети при продажбата на книги, но неодамна читателите почнаа да го критикуваат, затоа што приказите и препораките на него можат да содржат скриена агенда". Можеби токму ова е една од мотивациите на Амазон за најновиот потег.
Веста за купувањето на Гудридс од страна на Амазон доаѓа само неколку недели откако Ашет, Пингвин (САД) и Сајмон и Шустер се здружија за да покренат свој сајт за книжевни препораки, Bookish. Истовремено, Амазон покренува иницијатива за создавање нови интернет домени како .book, .author и .read, обиди на кои се спротивставува Здружението на писатели и Здружението на американски издавачи.