Не е ни да ги обвиниш списанијата - онака како што стојат работите со проценката на вредноста на академската работа и условите за напредување во звања, истражувачите, принудени или да објават или да исчезнат, се согласуваат тоа да го направат и во сомнителни списанија, во кои нема рецензентски процедури, или пак тие не се баш транспарентни.
За подемот на ваквите списанија за жал придонесе и платформата за отворен пристап, на која тие можат да имитираат такви кои се легитимни, собирајќи пари од авторите.
Клучни за реномето и содржината на едно списание се неговите уредници, кои одлучуваат дали некоја статија воопшто треба да биде рецензирана, од кого, и дали таа на крај треба да биде целосно отфрлена, ревидирана или прифатена. Ваквата одговорна улога обично им се доделува на експерти во областа која ја покрива едно списание, и таа се смета за престижна. Но лажните научни списанија понекогаш имаат и исти такви, лажни уреднички бордови.
За да ја докажат оваа теза, четворица полски научници прават експеримент - поднесуваат лажна апликација за уредничка позиција до 360 списанија, мешавина од такви кои се легитимни и такви кои се сомнителни. Резултатот: 48 од списанијата го прифатиле лажниот уредник, односно уредничка.
Се работи за извесна Ана О. Шуст, име во кое се крие игра на зборови (оszust на полски значи измама). Таа добила лажни научни титули, и е наведена како автор на исто така лажна книга. Нејзините академски интереси меѓу другото вклучувале теорија на науката и спортот, когнитивни науки и методолошки основи на општествените науки. Биле отворени и профили за неа на Academia.edu, Google+ и на Твитер, па дури и веб страница на Институтот за филозофија при Универзитетот Адам Мицкиевиќ во Познањ, која била достапна само преку линк наведен во Си-вито.
Профилот бил во најмала рака неадекватен за уредничка позиција. Работата на Шуст никогаш не била индексирана во постоечките академски бази на податоци, ниту пак постои било каков цитат или референца кон нејзина статија онлајн. Книгите во нејзината биографија не постојат и не можат да се најдат преку ниту еден пребарувач. Лажни биле дури и издавачките куќи.
Еве како завршила целата работа: 33% од тн „списанија-предатори“ ја прифатиле уредничката, а само 7% списанија со отворен пристап го сториле истото. Таквите кои се индексирани во сериозни бази на податоци во 40% од случаите ја отфрлиле, а 60% воопшто не одговориле.
Сепак, загрижувачко е што никој не реагирал на лажноста на Си-вито, и не се обидел да ја контактира ниту неа ниту универзитетот. Најмалку 12 списанија кои ја назначиле Шуст за уредничка притоа од неа барале директна уплата во различни форми, на пример претплата за списанието од дури 750 долари (подоцна променето во „САМО 650“) или „донација“.
На слична тема:
Чисти глупости како висока наука
Статија полна пцовки прифатена во научно списание
Што се случува кога никој не лекторира академски текст