„Меѓународното списание за напредна компјутерска технологија" и покрај високопарното име е предаторско списание со слободен пристап, кое спамира илјадници научници, нудејќи им да ги објават нивните текстови токму во него.
Во 2005 компјутерските научници Дејвид Мазиерес и Еди Колер напишале статија од десет страници, која се состои од само една реченица - „симнете ме од вашата ебена мејлинг листа" и неколку фини дијаграми кои го илустрираат текстот, со која почнале да одговараат на сите кои спамирале, што за објавување, што за учество на конференции.
Финтата се раширила, до моментот кога неодамна австралискиот компјутерџија Питер Вамплев го испратил истиот текст на гореспомнатото списание, како одговор на добиен спам од нив. Очигледно сметал дека уредниците сепак прават барем мал напор да ги отвараат пораките и да ги читаат.
Ама..Статијата била автоматски прифатена, со независна, анонимна „рецензија", која го рангирала како „одличен". Секако, сето тоа придружено со сметка од 150 долари.
Постоењето на вакви сомнителни издавачи и списанија може да се следи од раните 2000-ти кога се основаа првите онлајн академски списанија со отворен пристап. Наместо да го печатат секој број и да заработуваат преку претплати од библиотеки, овие списанија станаа бесплатни и се спонзорираа главно од надоместоците платени од истражувачите кои сакаат да бидат објавени.
Некои од овие списанија останаа доследни, и до денес водат сметка за квалитетот и процесот на рецензирање на статиите. Но според некои проценки, постојат дури 550 издавачи и нешто поголем број списанија кои се всушност тешки измами, па дури и ако поседуваат таканаречен „импакт фактор" (бројка која ја одредува фрекфенцијата на цитираност на текстовите во списанието), можно е и тој да е купен од лажни компании за рејтинзи.
Сето ова може на долги стази да се покаже како погубно - тоа ја намалува довербата во науката, го зголемува бројот на „лажњаци" помеѓу научниците кои на овој начин ги билдаат нивните биографии и заземаат места на други истражувачи кои не сакаат да ја играат валканата игра. Сето тоа пак има врска со пари и со ресурси кои се алоцираат врз основа на често лажни си-вија. Ваквите во основа хумористични примери како погорниов всушност само ја разоткриваат оваа тажна вистина.