16 совети од Чик Кориа за свирење во група

Некои од вас ќе речат „ниту свирам во група, ниту се занимавам со музика“. Но како и сите добри совети за што и да е, и овие кажуваат нешто пошироко - за личната креативност, но и за нејзиното вклопување во колектив, во случајов во џез ансамбл.

Во 1985 Чик Кориа се појавил пред студентите на познатиот музички колеџ Беркли и два часа разговарал со нив за сè и сешто. На влезот тие требало да подигнал леток со „евтини но добри совети за свирење во група“.

Главната метафора на Кориа е архитектонска - изведбата, вели тој, се состои од создавање простори и нивно квалитетно пополнување. Но иако станува збор за свирење и за музика, истите правила наведени подоле можат да се применат и за создавање на какво и да е уметничко дело, поединечно или во рамки на поголема група. На пример правилото за избор и јасна намера е исто така бесценето и во филмот и во книжевноста, исто како и одбегнувањето на свирење (пишување, цртање...) само механички и од навика. На крај и „не импровизирај бескрајно, а на крај одмори“, може да биде и добар животен совет. Еве ги сите:

1. Свири го само она што го слушаш.

2. Ако не слушаш ништо, не свири ништо.

3. Не дозволувај прстите и екстремитетите бесцелно да ти се движат - постави ги со намера.

4. Не импровизирај бескрајно - свири нешто со намера, развивај го или не, но на крај, одмори.

5. Остави простор - создади простор - намерно креирај места на кои нема да свириш.

6. Нека твојот звук се прелева. Слушај си го звукот и прилагоди го кон остатокот на бендот и на просторијата.

7. Ако свириш повеќе од еден инструмент во исто време - на пример тапани или повеќе клавијатури - биди сигурен дека тие се меѓусебно врамнотежени.

8. Никогаш не ја изведувај својата музика механички или само од навика. Создади го секој звук, фраза и дело по пат на намерен избор.

9. Раководи го својот избор на тоа што да свириш според она што ти се допаѓа, а не според она што некој би мислел за тоа.

10. Употребувај контраст и балансирај ги следниве елементи: високо/ниско, брзо/бавно, гласно/тивко, тензично/релаксирано, густо/проретчено.

11.Свири така за другите музичари да звучат добро. Свири нешта кои ќе направат целата музика да звучи добро.

12. Свири со опуштено тело. Секогаш исфрлај ја тензијата која ја создаваш.

13. Создавај простор - почни, развивај и заврши ги фразите со намера.

14. Никогаш не го трескај или удирај инструментот, свири со леснотија и елегантно.

15. Создади простор, а потоа постави нешто во него.

16. Користи мимикрија но повремено - главно создавај фрази како контраст и како развивање на фразите на другите музичари.

извор

12 февруари 2020 - 09:39