Тајната логика на кравите

Ќе беше политички покорисно да имавме нешто за овците, но научници се фатиле за крави и изработиле математички модел по кој овие навидум бескрајно незаинтересирани животни ги носат секојдневните животни одлуки

.

Гледање дузина крави како лефтерно брстат некоја полјана оддава впечаток дека тоа се суштества на кои не им чуе за ништо освен да апнат и да дремнат. Но, што ако со ужината или дремката не се готови а стадото тргне, ќе тргне ли секоја крава по групата или некои ќе си го тераат ќефот? Комплицирано е и нема еден одговор.

Мешана група на математичари и биолози кои се занимавале со оваа енигма тврдат дека животот на кравата е полн со носење одлуки и правење компромиси.

Останување во групата има свои предности како што е полесно справување со опасностите, на пример, од предаторите. Но, утврдено е дека оние крави кои почесто ја следат колективната одлука  растат побавно од оние кои се доволно одважни да не бидат секогаш во крдото. Со други зборови, забавениот раст е цената која ја плаќаат послушните, што постои и кај другите видови кои живеат во групи.

„Кравите воопшто не се едноставни како што ни изгледаат“, вели професорот по математика од Калифорнија кој заедно со зоолози и биолози ја водел студијата.

Сознанијата од биологијата на кравите ги тестирале на неколку математички модели и создавале сценарија за однесување. На секоја имагинарна крава ѝ давале различни параметри и нивоа на желба да се јаде или да се медитира кои ги вкрстувале со социјалниот притисок да се биде заедно со групата. Притоа ги занимало и дали возраста и големината на животните влијаат врз евентуалните одлуки да се формираат подгрупи на бунтовници кои ќе тераат инает на групата.

Велат дека моделите им се корисни ако некој сака со нив да провери вистински, реални податоци за својата стока за што веќе имало заинтересираност од сериозни кравари во Нов Зеланд.

11 септември 2017 - 11:55