 
                            Во серија експерименти дизајнирани да ги тестираат когнитивните способности на шимпанзата, научен тим на психологот Хана Шлајхауф од Универзитетот во Утрехт забележал дека приматите се доволно паметни за да ги одмерат различните видови докази и немаат проблем да го променат своето мислење под влијание на поцврсти аргументи.
Ова е навистина најсилниот и најтешкиот тест за вакво разбирање. Имаме цврсти докази дека рационалноста во нејзината основна форма не е својствена само за човекот, изјави Шлајхауф.
Аристотеловата филозофска школа ги смета луѓето за единствениот вид на Земјата со капацитет за разумно донесување одлуки. Една од карактеристиките на разумот е рационалноста. За целите на истражувањето, рационалноста била дефинирана како „способност за формирање верувања за светот врз основа на докази“. Но, кога се појавуваат нови докази, рационалното суштество може да ги спореди со првичните и да ги смени своите верувања кога вторите докази се поцврсти.

За да се провери оваа способност кај животни била дизајнирана серија од пет експерименти за шимпанза (Pan troglodytes) во резерват во Уганда. При секој од експериментите било скриено јаболко во кутија, а шимпанзото требало да погоди каде е, врз основа на послаби или поцврсти докази. Цврст доказ, на пример, бил кога мајмунот гледал како човек го става јаболкото во кутијата или го гледа низ проѕирна кутија. Послаби докази биле тропкањето, без директен поглед, или оставањето мали парченца покрај кутијата. Првите два експерименти биле едноставни. Мајмуните пред себе имале две кутии, со различен степен на докази дека во нив е јаболкото. Кога посилниот доказ бил претставен по послабиот, шимпанзата се предомислиле.
Во следниот експеримент била додадена трета кутија, без никакви докази, а била отстранета таа со цврсти докази. Шимпанзата најчесто се одлучиле дека јаболкото е во кутијата со слаби докази, а не во новата, за која немаат информации. Во четвртиот експеримент, кога кутијата била протресена за да се слушне тропање, мајмуните имале тенденција да им веруваат на новите дополнителни докази наместо да им останат верни на претходните, кои веќе станале излишни. Тоа потврдило дека можат да разликуваат нови и стари информации.

Петтиот експеримент бил клучниот. На мајмуните им било откриено дека претходните докази може да бидат и лажни – слика наместо вистинско јаболко или камен што тропа во кутијата. Шимпанзата подолго и почесто се премислувале и повеќето пати ги отфрлале лажните докази, барајќи посилни аргументи.
Животните не дејствуваат чисто по инстинкт. Тие ги следат доказите од светот околу себе. Рефлективната реакција значи дека создаваат верувања врз основа на докази. Сведоштво за тоа е способноста разумно да го променат мислењето, вели авторката на студијата.
Резултатите сугерираат дека шимпанзата ги земаат предвид и ги споредуваат доказите, наместо само да реагираат на нив - следат што знаат и како го знаат тоа, препознаваат несигурни докази и соодветно ги ревидираат своите одлуки.
Мислам дека сè уште има огромни разлики меѓу нас, но и повеќе сличности отколку што претпоставувавме дека постојат, вели Шлајхауф.
 
 
 
