Инсулинот, кој со децении е на пазарот, сè уште е прескап за голем број луѓе на кои од него им зависи животот. Oсновна терапија на болните од дијабетес, тој е патентиран во 1923. За разлика од голем број други лекови со толкава историја, па дури и во однос на некои понови, генеричка опција (еквивалентно лекарство кое би било идентично според дозирање, употреба, квалитет итн.) за него не постои.
Од друга страна, цената на инсулинот во САД во последниве десет години е порасната за скоро три пати. Според анализа на Списанието на Американското медицинско здружение, во 2002 трошокот по пациент годишно бил 231 долар. Во 2013 тој е околу 736 долари.
Денес, речиси 22 милиони Американци се дијагностицирани со дијабетес. Од нив, околу 26% земаат инсулин, а останатите земаат само апчиња или воопшто не земаат лекарства (според податоци од 2016 во Македонија има околу 120,000 лица заболени од дијабетес, а 35,000 се на инсулинска терапија). Причината зошто првите до сега не добиле поевтина опција која би го заменила постоечкиот инсулин не е едноставна, а таа има врска и со биологија и со законската регулатива.
Инсулинот е хормон на панкреасот, кој овозможува телото да го апсорбира и да го процесира шеќерот кој влегува во организмот. Научниците во 1920-тите го произведувале од животински панкреаси, за да може истиот да биде вбризган во луѓе кои го немале во доволни количества. Во следната фаза почнува да се произведува човечки инсулин, со користење на ДНК технологија, кој претвора бактерии во мини-инсулински фабрики. Најнова иновација е мала варијација на човечкиот инсулин, кој е многу поблизок до природниот. Но сите овие варијанти се направени од живи клетки, и претставуваат нешто што докторите го нарекуваат биолошки производ, па оттаму нивното производство и е многу покомплицирано во споредба со други лекарства.
„Генеричка“ верзија на инсулин всушност би било нешто што се нарекува „биосимилар“ - биолошки идентичен медицински производ кој е копија на оригиналниот. Но за разлика од генериците, биоидентичните препарати се многу понепредвидливи и понестабилни, па оттаму дозволата за производство и дистрибуција на биоидентичен инсулин е многу потешко да се добие отколку за генерици на „обично“ лекарство. Едноставно, научно е потешко со прст да се покаже на копија на инсулин, и да се тврди дека таа е идентична со оригиналниот. Компаниите сепак го прават тоа и во моментов во САД има два биоидентични препарати на инсулинот одобрен од нивната Агенција за лекови.
Но од економска гледна точка ова не менува многу, затоа што цената и на новите биоидентични лекарства е исто така висока, заради големите ресурси и времето вложено во иновацијата. Она што се гледа како излезно решение е, кога ќе излезе нова верзија на пазарот, постарата да поевтини, и да се третира како генеричка. Бидејќи рокот на патентите на најновите инсулински производи во САД е при крај, се очекува во декември 2016 да се појават нови верзии. Поевтинувањето на постарите тогаш можеби нема да биде драстично, до 30%, но тоа за оние на кои животот им зависи од скапиот инсулин, сепак ќе значи многу.