Едноставно, коронавирусот е премногу раширен и премногу пренослив. Пандемијата во некој момент ќе заврши - затоа што доволно луѓе ја прележале болеста или се вакцинирале - но вирусот ќе продолжи да циркулира по планетава со понизок интензитет. Бројот на случаи ќе биде падни-стани и пикови ќе има овде- онде.
Дури и да стигне толку очекуваната вакцина, поверојатно е дека таа ќе го стиша вирусот но нема да го елиминира. Колку за контекст, вакцини постојат за дузина човечки вируси но само еден, малите сипаници е ликвидиран од планетава и тоа после 15 години интензивна глобална координација. „Најверојатно ќе живееме со вирусот до крајот на нашите животи“, пишува Сара Жанг во Атлантик.
САРС се појави во 2002, зарази 8.000 луѓе и го снема меѓу нив две години подоцна, со помош на интензивни изолации, следења и карантини. Но тој и коронавирусот се разликуваат во една суштинска карактеристика, што за вториов не ни знаеш дека го имаш а го шириш наоколу.
Од друга страна, не можеме да знаеме колку ќе трае имунитетот за коронавирус, едноставно, затоа што досега прекратко сме заедно. Ако трае само неколку месеци, тогаш ќе имаме една голема пандемија која ќе биде следна со помали пикови секоја година. Ако имунитетот трае, да речеме, две години, ќе сведочиме на пикови на ковид-19 секоја втора година.
Дури и да го снема меѓу луѓето, животните ќе останат негови безбедни резервати па вирусот ќе може во кој било момент повторно да се префли на луѓе.
Во најдоброто сценарио, вакцина и изнаоѓање подобри третмани за ублажување на жестоките форми на ковид-19, ќе ја направат болеста помалку опасна. SARS-CoV-2 ќе стане уште еден сезонски респираторен вирус кои знаат да заболат човек, како што се 229E, OC43, NL63 и HKU1. Тие се толку вообичаени што веројатно сме ги имале во некој момент во животот, можеби и повеќе пати. Тие знаат да предизвикаат лоша сезона, особено меѓу постарите, но обично се толку умерени што остануваат под радарот на паничењето. На крајот, SARS-CoV-2 станува петиот коронавирус кој регуларно циркулира меѓу луѓето.
„Мислам дека вирусот останува со нас и во иднина. Но и инфлуенцата е постојано со нас па не ги затвора нашите животи. Ја менаџираме,“ вели истражувач на вакцини во Џонс Хопкинс.