Анализа која го обработува периодот од 1988-ма до 2006-та, покажала дека во САД жените за повеќе од два пати ја зголемиле фреквентноста на вежбањето, додека кај мажите растот е за 50%. Притоа распространетоста на прекумерно дебелите Американци се зголемила од 23 на 35 проценти.
Глобално, бројките на студијата ги потврдуваат примерите од Норвешка и Јапонија, каде луѓето се помалку активни од Американците, а во исто време е и помалку веројатно да бидат прекумерно дебели. На индивидуално ниво се уште е матна врската меѓу физичка активност и БМИ, "најголемиот дел од студиите покажуваат дека вежбањето има ограничен ефект на слабеењето, и дека тоа е далеку помалку сигурен метод отколку внимавање на исхраната."
Можно објаснување за ова е тоа што потрошувачката на енергија не е директно поврзана со тоа колку се движите. Ова го покажува студија во која учествуваат 30 Хадза ловци од Танзанија, кои иако дневно пешачат и дупло повеќе од просекот на западната популација, тие не согоруваат повеќе калории.
Дополнителни студии потврдуваат дека нашето тело му тера инает на вежбањето, па по почетниот напредок во трошењето калории, по одредено време оваа потрошувачка достигнува плафон без разлика на зголемувањето на нивото на активност. На ова се надоврзуваат и студиите кои покажуваат дека како што слабееме нашиот метаболизам станува се побавен како резултат на активирање на заштитните механизми на телото за заштеда на калории.
Напомена од студијата е дека ова никако не значи дека треба да се прекине со физичка активност, бидејќи и понатаму има ќар од нејзе, посебно како превентива од заболувања на коските и срцеви проблеми, некои видови рак а веројатно и депресија. Она што е важно да се знае е дека контролата на исхраната е многу подобро решение за слабеење.