Вакцините против ковид се помалку ефикасни против делта сојот

Ефикасноста на вакцината на Фајзер против делта сојот трае само 90 дена по целосната вакцинација, покажуваат резултатите на Универзитетот Оксфорд кој спроведува една од најобемните студии во светот.

Кога вакцинираните со Фајзер и АстраЗенека, биле заразени со делта сојот, тие имале исти нивоа на вирус во своето тело како и оние што не биле вакцинирани.

„Ова покажува дека вакцинирањето на голем дел од популацијата може нема да ги заштити оние што не се вакцинирани, што фрла сомнеж на идејата за постигнување на имунитет на стадо,“ се објаснува во текстот на Блумберг.

Студијата на Оксфорд анализира над 3,4 милиони ПЦР тестови по случаен избор, од кои добиваат детална слика за шаблонот на заразувања во време кога делта варијантата станува доминантна.

„Тука имаме податоци од секојдневниот живот за ефикасноста на вакцините, наместо податоци од клинички испитувања, и податоците покажуваат дека делта варијантата ја намалува ефикасноста и на Фајзер и на АстраЗенека вакцините,“ изјавил професорот по клеточна микробиологија на Универзитетот во Рединг, Сајмон Кларк.

Додека Фајзер има значителен пад во ефикасноста, АстраЗенека не бележи такви осцилации, меѓутоа исклучиво затоа што таа од старт почнува од многу пониско ниво. 14 дена по втората доза, заштитата од Фајзер вакцината е 92%, а од АстраЗенека е 69%. По четири и пол месеци, вакцината на Фајзер по ефикасност паѓа на нивото на АстраЗенека.

„Се уште не знаеме колку многу заразувања може да се случат од луѓе кои се заразиле откако биле вакцинирани - на пример, тие може да имаат високи нивоа на вирусот но за пократко време.

Меѓутоа фактот што и тие можат да имаат високи нивоа на вирусот покажуваат дека луѓето кои се уште не се вакцинирани веројатно не се толку заштитени од делта варијантата (преку имунитет на стадо) колку што се надевавме,“ изјавила професорката по медицинска статистика и епидемиологија од Универзитетот Оксфорд, Сара Вокер.

Со вака сведено искуство се зголемуваат шансите за воведување на задолжителна трета доза (засилувач) од вакцината. САД веќе планира од 20 септември да започне со нудење на засилувач за сите вакцинирани возрасни, а Израел месецов започна со третата доза.

Разочарувањето е што ваквите резултати покажуваат дека групниот имунитет станува уште потежок за постигнување, бидејќи тој главно зависеше од тоа дека најголемиот дел од популацијата, преку вакцинирање или прележување, ќе може да обезбеди заштита за невакцинираните.

19 август 2021 - 13:55