Седум години откако 9 годишната Ела Киси-Дебра од Лондон почина од напад на астма, нејзината смрт влегува во историјата. По долго и упорно инсистирање на мајка ѝ која не се помирила со првичната верзија во која како причина за смртта се наведува „акутен респираторен крах“, иследникот деновиве напишал посмртница во која во причините за смртта е додаден и загадениот воздух.
Малата Ела баш се има изнамачено. На шест години има завршено в болница каде ја ставиле во тридневна индуцирана кома за да се справат со нападот на астма и кашлање. Оттогаш, дури 24 пати морала да биде хоспитализирана.
Во конечниот извештај се вели дека загадениот воздух бил сериозна причина за влошување на другите нејзини респираторни проблеми како што била астмата и дека, да не било така, можеби уште ќе била жива.
Ела и нејзините живееле на јужниот кружен пат во јужен Лондон, една од најпрометните сообраќајници во метрополата а во посмртницата се наведува дека кумулативниот ефект на континуираното дишење загаден воздух го предизвикал фаталниот напад на астмата. Огромен дел од вината оди кај азотниот и јаглеродниот диоксид како и кај ПМ честичките чии нивоа во тој дел од градот постојано се над пропишаните лимити.
Градоначалникот на Лондон Садик Кан смета дека ваквиот извештај треба да биде пресвртен момент во напорите да се скастрат емисиите на штетни гасови а отровниот воздух да се третира како криза на јавното здравје.
Лани 91% од светската популација живеела во места чиј квалитет на воздухот не ги задоволува стандардите пропишани од СЗО. Се проценува дека од ова годишно умираат 8,8 милиони луѓе а Европа, само во 2015 година, од гаден воздух изгубила 880.000 луѓе.