На почетокот на ова лето, супер-компјутерот Самит во националната лабораторија во Тенеси бил „нахранет“ со преку 40.000 гени од 17.000 генетски примероци. Иако е втор најбрз компјутер на светот, за процесирање и анализа на сите генетски комбинации (а ги имало преку 2,5 милијарди) му требало повеќе од една недела.
Откако бил готов, научниците кои го водат проектот имале „еурека“ момент бидејќи резултатите сугерирале нова теорија за тоа како ковид-19 делува во телото. Наречена е брадикининска хипотеза, по пептидот кој предизвикува проширување на крвните садови и опаѓање на крвниот притисок. Хипотезата обезбедува модел кој објаснува многу од аспектите на болеста, меѓу кои и најбизарните симптоми. Таа сугерира и над 10 потенцијални третмани на bолеста, многу од нив веќе одобрени.
Според сознанијата, инфекцијата започнува кога вирусот влегува во телото преку ACE2 рецепторите во носот па се сместува во различни органи. Но дури откако вирусот удобно ќе се pozicionira доаѓа лошото бидејќи тој не се задоволува само со инфицирање на клетките кои имаат многу такви рецептори туку го мами телото да прераспоредува ACE2 рецептори на места каде обично ги има малку.
Во таа смисла, тој е како лопов кој ќе успее да ви влезе низ отворен џам на вториот спрат и после не само што прави русвај по цела куќа туку ќе ги испоотвори сите врати и прозорци за да можат да влезат и другите од неговата банда за бељата да биде поголема и побрзо направена.
Крајниот резултат е создавање на брадикининска бура односно масивно трупање на брадикинин во телото и токму ова веројатно е причина за многу смртоносни исходи на болеста. Екипата верува дека пресудна е оваа а не цитокинската бура (види: Не само вирусот, нè убива и сопствениот имунолошки систем), а можно е да има и поврзаност меѓу нив.
Како што во телото се трупа брадикинин, така драматично се зголемува васкуларната пропусност односно крвните садови почнуваат да протекуваат. Тоа е во склад со новите клинички податоци кои сугерираат дека имаме работа првенствено со васкуларна а не со респираторна болест. Како што крвните садови почнуваат да протекуваат, белите дробови се полнат со течност, имуно-клетки доаѓаат во дробовите и предизвикуваат воспаление.
Еден од најгадните трикови на новиот вирус е што измамува огромно производство на хиалуронична киселина, позната по тоа што се користи во козметиката и има способност да апсорбира 1.000 пати повеќе од сопствената тежина. Кога таа ќе дојде во допир со течноста во дробовите, резултатите се катастрофални: се формира хидрогел кој ги полни дробовите и тоа изгледа како да „пробуваш да дишеш преку желе“.
Тоа веројатно ја објаснува и неефикасноста на респираторите од кои на почетокот на болеста се очекуваше многу.
„Се доаѓа до точка во која веќе не е важно колку кислород пумпате во дробовите бидејќи алвеолите се полни со овој хидрогел. Пациенти се гушат иако добиваат полна кислородна поддршка.“
Брадикининската хипотеза нуди модел и за расветлување на ефектите на ковид и врз срцето и невролошките ефекти а особено е интригантна во поглед на мозокот. Се претпоставува дека болеста успева да ја сруши бариерата меѓу мозокот и крвта. Во нормални услови, таа бариера служи како филтер меѓу мозокот и остатокот од циркулаторниот систем кој ги пропушта хранливите материи и малите молекули кои му се потребни на мозокот за да функционира правилно, а надвор од мозочниот систем ги држи токсините и патогените. Ако брадикининската бура ја руши оваа бариера, се отвора пат за штетните клетки да влезат во мозокот и да доведат до воспаление и оштетувања.
Екипата на доктор Даниел Џакобсон упатува дека веќе се одобрени неколку лекарства кои помагаат во случаи на брадикининска бура (даназол, станосозол, екалантид...) а сугерираат дека и витаминот Д е потенцијално корисен во случај на ковид-19.