Најчестата причина зошто слабите не го разбираат ова е идентична со онаа на дебелите на кои не им е јасно „како бе не можеш да се здебелиш,“ односно ваквиот проблем „не содејствува со нивните искуства со храната“.
Истражувачи кои со години по научна основа студираат зошто диетите не успеваат, се префрлуваат на изучување на „стигмата со која се соочуваат дебелите луѓе“ и што се случува кога не можат да ја задржат новата килажа.
Примерокот во нивната студија го нарекуваат Ники, женско кое е природно слабо, најголемиот дел од времето јаде разумно, а и покрај тоа што не држи диети и знае повремено да уфрли некаква брза храна, тоа не и влијае на тежината. Ники е комплетно збунета кога некој ќе и каже дека диетите не функционираат.
„Ники мисли дека е слаба заради начинот на кој се храни, ама во реалност, генетиката игра огромна улога во тоа што таа е слаба. Ники ги добива сите пофалби, затоа што луѓето ја гледаат како таа се храни, а не можат да ги видат нејзините гени.
Голем број дебели луѓе нема да бидат како Ники дури и да ја јадат истата храна во истите количини како нејзе. Нивното тело може да функционира на помалку калории отколку телото на Ники што звучи како да е добра работа (и е, ако се најдеш сред епидемија на глад).
Ама, ова значи дека откако тие ќе ја изедат истата храна и ќе ја искористат таа енергија за функционирање на организмот, ним ќе им останат повеќе калории што треба да ги складираат како масти отколку на Ники. Па, значи, за да ослабат тие треба да јадат помалку од Ники. А потоа, по некое време држење диета, нивниот метаболизам се адаптира на намалената количина, па сега треба да јадат уште помалку и од тоа за да продолжат да губат килажа.
Не е само вродено добриот метаболизам што ја тера Ники да мисли дека диетите функционираат. За Ники, која не држи диети, е крајно лесно да им одолее на чоколадните бонбони што се на бирото на колегата. Меѓутоа во исто време за луѓето што се на диета, овие чоколади постојано им го одвлекуваат вниманието и ’ги повикуваат’.
Држењето диета предизвикува невролошки промени заради кои е поверојатно да ја забележиш храната отколку пред да држиш диета, и кога ќе ја забележиш, овие промени прават уште потешко да можеш да престанеш да мислиш на нејзе. Ники може ќе заборави дека чоколадите биле на масата, ама луѓето на диета нема.
Реалноста е дека луѓето што држат диета сега е поверојатно уште повеќе да ги сакаат чоколадите од претходно. Ова е затоа што невролошките промени предизвикани од диетата прават храната не само да има подобар вкус, туку во исто време јадењето како награда да добива и поголем наплив на допамин, истиот хормон што се ослободува кога наркоманите ќе го добијат својот фикс.
Потоа, додека Ники е најадена од ручекот, борбата продолжува за луѓето на диети бидејќи диетата ги има променето нивните хормони. Нивното ниво на лептин (хормонот за заситеност) кај нив е спуштено, што значи дека сега треба уште повеќе храна отколку претходно за тие да се чувствуваат заситени. Тие и онака низ цела диета се гладни, ама сега се чувствуваат уште погладни отколку претходно. Сега дури и регуларниот не-диетален ручек на Ники нив нема да ги засити,“ објаснуваат Трејси Ман и Џенет Томијама во текстот за Тоник.
Друга работа со која дебелите треба да се соочат е ставот дека Ники едноставно има одлична самоконтрола па не дозволува да се прејаде. Во реалноста таа нема ништо посилна волја од нив, само едноставно не и се јаде, па не мора на ништо да се опира. Тие проценуваат дека дури Ники во ваква ситуација и да треба да покаже силна волја, на нејзе ќе и биде полесно затоа што не е на диета:
„Затоа што диетата ја нарушува способноста за спознавање, посебно извршната функција, која е процесот што помага во само-контрола. Па луѓето на диета имаат помалку волја токму кога таа најмногу им треба. А луѓето што не држат диета ја имаат во изобилие, иако не им треба.“
Последниот удар доаѓа од тоа што самите промени кои настануваат при држење диета го отежнуваат долгорочното пазење на храна. Иако мал дел од луѓето на диета успеваат и по неколку години да ја одржат својата тежина, „тоа доаѓа придружено со целовремена сеопфатна борба со нивната физиологија.“
Двајцата автори, инаку професори по психологија, едниот на Универзитетот во Минесота, другиот на Универзитетот во Калифорнија, имаат завршна порака до Ники и до луѓето на диети. За Ники, не ги потценувај луѓето што се на диета и дај им поддршка, без да им објаснуваш како тоа ти „сè јадеш, ама ништо не ти се фаќа“. За луѓето на диета, не заборавај дека не си слабак, туку дека водиш многу нефер битка во која малкумина победуваат. Наместо диета, гледај да го подобриш твоето здравје преку вежбање, „а тоа не мора да значи слабеење.“