Во последните 15 години глобалната употреба на антибиотици се зголемила за 39%, покажува една скорешна студија која потсетува на загриженоста околу таканаречената отпорност на антибиотици, состојба кога некои инфекции веќе нема да можат да се лечат со овие лекови заради злоупотребите во користењето, и кај луѓето и кај животните.
Економистите предвидуваат дека ако ништо не се смени, во наредните 30-тина години околу 10 милиони луѓе ќе умрат од оваа причина иако антибиотиците остануваат едни од најмоќните лекови кои што човештвото ги поседува и во огромен број случаи се незаменливи за да се спасат животи.
Поинтересна од општата стапка е дистрибуцијата на растот во земји со различни приходи. Ако генералната стапка е 39%, во земјите со високи приходи употребата на антибиотици е во благ пад но затоа кај оние со ниски и средни приходи порастот изнесува дури 114%. Пресудата не е едноставна бидејќи во многу случаи, зголеменото користење антибиотици е резултат на поголем опфат на населението со услуги на јавното здравство.
Па сепак, дури и во земји како САД, проценките велат дека една третина од годишно пропишаните антибиотици се непотребни.