Сиромаштијата ќе се изначека за вакцина

Фино и смирувачки звучи најавата на Фајзер дека од вакцината за која имаат оптимистички вести, догодина ќе бидат спремни да испорачаат 1,3 милијарди дози. Само што лавовски дел од тоа веќе имаат купено или капарисано богатите земји. Порисомашните, на вакцина можеби ќе треба да почекаат до 2023 или 2024 година.

Проценката дека сиромашните или средно-богати земји ќе чекаат да го имунизираат своето население барем уште 3-4 години е на Универзитетот Дјук.

НПР јавува дека веќе во октомври, капацитетот за производство на вакцини веќе бил покриен со договори за набавки на вакцини. Поконкретно, богатите земји веќе имаат набавено или се во процес на набавка на 5 милијарди дози од изгледните кандидати на вакцини од кои се очекува да ги минат тестовите и да добијат одобрение. Освен нив, Индија капарисала уште 1,6 милијарди дози а Бразил 200 милиони по што на светската сиромаштија ѝ останува да се надева на околу 800 милиони.

Под менторство на СЗО, создадена е шемата наречена Ковакс во која земјите потписнички треба да имаат рамноправен пристап до вакцините, интервентно за здравствените и безбедносни работници а потоа евентуално за првични 20% од населението. Меѓутоа, богатите земји прилично инвестираа во Ковакс и таа ситуација ја искористиле за постигнување поединечни договори со фармацевтските компании, со што драстично ја намалиле вкупната расположива доза.

„Тие даваат со една рака а земаат со другата,“ вели Андреа Тејлор, помошник директор на Дјук.

Капак на тоа е што богатите земји ги набавуваат оние кандидати за вакцини, на Џонсон и Џонсон, на пример, кои се резистентни на температурни промени, не им треба таканаречен ладен ланец на користење и можат со месеци да стојат во обични фрижидери. А сиромаштијата најчесто нема ни капацитети и ни инфраструктура за прописно менаџирање на другите, почувствителни вакцини.

Студијата на Дјук вели дека Ковакс има обезбедено вакцини доволно за имунизација на 250 милиони луѓе, што е далеку помалку од најавуваната заштита на 1,4 милијарда луѓе.

11 ноември 2020 - 16:16