Репортажата на Гардијан започнува со баобаб дрво за кое се врзани две кози со јаже и еден дваесет и нешто годишен маж со синџир. Козите се привремено, момчето е таму врзано веќе три години.
Пред нешто повеќе од три години момчето, Баба Агунга, се обидува со мачета да ја убие својата мајка. Татко му тогаш нарачува синџири и го врзува за дрвото пред куќата (колибата). Откако е врзан, тој ни за миг не е ослободен од ланците, без разлика дали врнело дожд, била најголема горештина или сушна сезона. Во меѓувреме татко му починува, неговите сестри се мажат и си заминуваат од дома, а Баба останува до дрвото.
Заради недостаток на каков било третман синџирот е терапијата што се практикува и за ментални болести и за невролошки нарушувања како деменција или епилепсија. На ниво на Гана има вкупно 3 психијатриски болници и 13 психијатри, на популација од 30 милиони луѓе.
„Откако снемавме лекови, можеме да понудиме само синџири,“ објаснува Стивен Асанте, кој од медицинското училиште во Тамале на северот од Гана се обидува да понуди каква таква помош за локалци со ментални болести.
По негови зборови дури и да го нема проблемот со недостаток на лекови и слично, работата би била исцрпувачка затоа што локалците „не го разбираат концептот на ментални болести“, па бидејќи не знаат што да прават со луѓето со ментални болести „или ги напуштаат овие лица, или ги носат во молитвени кампови“.
Згора на сето ова е и распространетото верување во зли духови, кое исто така се решава со врзување луѓе со синџири за дрво, пракса која е толку присутна „што одржува цела занаетчиска гранка, заради што мајстори за правење синџири можат да се најдат во секое трето или четврто село“.
Во друг случај што го наведува Гардијан, мајка на четири деца (од две до осум години) е врзана за дрво бидејќи „излудела откако нејзиниот сопруг завршил во затвор“. Мајката на врзаната се теши дека ќерка и се смирила „и има мало подобрување, па веќе не ја уништува зделата за храна“.
Новинарите зад репортажата на Гардијан посетуваат и еден молитвен камп, каде пасторот се грижи за 150 пациенти, и уште околу 20 други што се врзани за дрвја.
Светската здравствена организација проценува дека само 2% од 2,75 милиони Ганци кои страдаат од ментални нарушувања добиваат грижа во медицински установи, и тие главно се во јужниот крајбрежен појас. Останатите стоици илјади се снаоѓаат како можат.
Во Македонија пред 4 години во јавност излезе случајот со Игор Петрески кој, според тврдењата на неговата мајка, додека е сместен во психијатриската болница во Демир Хисар бил тепан и врзуван со синџири: