Проблемот со листеријата

Бактеријата во изминатите неколку години предизвика илјадници инфекции, кои имаа алармантна смртност од околу 21% (претежно кај возрасните). Таа може да преживее во голем број околини, вклучувајќи и ниски температури, киселинска околина и многу сол. Се на се ова е една од најважните болести кои се пренесуваат преку храна.

Истражувањата во последните 30 години откриваат дека листеријата има збир на фактори на вируленција, кои се неопходни за предизвикување на инфекцијата. Еден од нив е познат како ЛАП (Listeria Adhesion Protein), кој дозволува таа да се залепи за клетките во цревата на луѓето и му сигнализира на телото да почне да ја придвижува бактеријата кон останатите органи. Во 2010-та, варијанта на Лап, именувана ЛапБ, е идентификувана дека е главен фактор која ја одржува бактеријата залепена за клетките, и ја засилува инвазијата врз нив. Во основа, ЛапБ е клучна компонента потребна за инфекција.

Дополнителна анализа на ЛапБ на генетско ниво, открива дека нејзината иРНА (информативната рибонуклеинска киселина) е одлично заштитена во ситуации кога бактеријата ќе дојде во допир со стресна околина, посебно во борбата со имунитетниот систем. Нејзината заштита е составена од протеини, од типот Hfq (протеин кој при интеракција со одредена регулаторна РНК допринесува за експресија на гени кои го зголемуваат потенцијал за преживување на бактеријата како на пример во горе наведените ситуации) и мали РНК (тип на регулаторни РНК молекули), со обележје Лхр (тип на мала РНК која се поврзува со Hfq експресиран од Листерија).

Од ова последново има три варијанти - ЛхрА, ЛхрБ и ЛхрЦ. Секој од нив има посебен механизам во процесот на оживување на гените на листерија. Првите две имаат по една копија, додека ЛхрЦ е составено од 5 различни варијанти.

Во времето кога ги откриле во 2006-та, нивната функција морала да биде толкувана. По 8 години лов и толкување, дури минатата недела група дански научници (кои првично ги идентификуваат различните Лхр) откриваат дека ЛхрЦ има толку варијанти затоа што мора да се осигури дека за време на инфекцијата без разлика на околината ќе се создава ЛапБ. ЛхрЦ осигурува дека тие ќе преживеат во која било околина, и ќе ја одржат бактеријата.

Кога се обиделе да репродуцираат која околина го стимулира создавањето на ЛхрЦ, тие откриваат дека оваа верзија се појавува без разлика на околината (антибиотици, жолчни киселини, раствори со висока соленост, киселини, па и алкохол). ЛхрЦ бил присутен во сите случаи. Со дополнителното истражување групата открива уште два специфични протеини, едниот за реакција на стрес од околината, другиот за зголемена отпорност кон алкохол и антибиотици.

Следно што сакаат да утврдат е која е целта на ЛхрЦ. Сите пет копии имаат афинитет кон ЛапБ и помагаат да се стабилизира иРНА нишката при создавањето на протеин. Немало никаква разлика во нивната способност да го оживеат ЛапБ.

Откако сите дотогашни истражувања не им даваат резултати, авторите почнуваат со анализи на подлабоко ниво. Тука (на ниво на низи) тие откриваат разлики во нуклеозидите цитозин и уридин. Во основа секоја од петте ЛхрЦ имаат три различни поредоци на оваа низа. Сите овие на куп составуваат околу 75 различни верзии, кои можат да комуницираат со иРНК и да го помагаат претворањето во протеин. (Во основа, 74 да загинат, 75-та е доволна да се заврши работата.)

За сега не им е јасно зошто има потреба од вакво ниво на редудантност.

Сето ова открива зошто е толку тешко да се убие листеријата во која било околина. Освен ако бактеријата не е комплетно изнемоштена, без разлика дали преку инфекција, температура или киселини, нејзините шанси за преживување се добри. Плус, сред инфекција, бактеријата може да го користи овој систем за да се спротивстави на активностите на имунитетниот систем или кој било друг третман, пример антибиотици. Во основа, редундантноста ја прави бактеријата незапирлива.

За експерите за безбедност на храна вестите се уште полоши. За да спречиш инфекција, потребно е да се осигураат највисоките нивоа на спроведување на правилата за безбедност на храна за бактеријата да не влезе во неа. За жал, пропусти често се случуваат и епидемиите стануваат се почести. Ова значи уште поголема одговорност за јавноста да биде вонредно внимателна околу храната, преку соодветна хигиена, ракување со храната, готвење или чистење. Без почитување на правилата за безбедноста на храната, можеш да завршиш со Листерија а шансите да не ја преживееш се еден спрема пет.

Извор: PopSci

6 септември 2014 - 14:19