One Key Question (Едно клучно прашање) е иницијатива во државата Орегон, која звучи многу едноставно: жените во репродуктивна возраст при секоја посета на доктор да бидат прашувани дали сакаат да останат бремени во текот на следната година.
Доколку жената одговори негативно, или пак не е сигурна, докторот ќе треба да и ги посочи сите контрацептивни опции кои стојат на располагање. Доколку изрази желба да роди дете, ќе треба да ѝ се посочат начините како да ја постигне и да ја одржи бременоста, земајќи ги предвид евентуалните здравствени проблеми кои таа може да ги има. Целта е намерите за бременост да се стават на радарот на примарната здравствена заштита, за што поголем број бремености да бидат истовремено сакани, планирани и здрави.
Идејата има смисла од практична гледна точка. Повеќето жени се плодни цели 35 години. Тоа значи дека една жена која сака да има две деца ќе помине три децении од животот во спречување на несакана бременост. Од друга страна, се случува кога жената сака да остане бремена, да не може да го стори тоа, заради прекумерна телесна тежина, висок крвен притисок, дијабетис и ред други причини, кои доколку се отстранат на време, или барем редовно се контролираат, можат да ја зголемат шансата за добар исход.
Оваа програма особено ги таргетира жените со ниски примаѓа во Орегон, како и имигрантите и бегалците. Собирањето податоци во врска со ефектите на програмата е на самиот почеток, но до сега е забележан значаен пораст во однос на три суштински индикатори: пораст на процентот жени кои не сакаат да останат бремени а кои користат контрацепција; пораст на користењето контрацептиви со долгорочен и реверзибилен ефект, како на пример спиралите, и зголемување на бројот на жени кои сакаат да останат бремени а кои добиваат превентивна грижа за здрава бременост (како на пример соодветни дози фолна киселина).
Ова не е само добро за жените, туку и за општеството, кое на овој начин заштедува значајни средства. Секој долар (денар) потрошен на превентивно репродуктивно здравје заштедува пари за несакани бремености и здравствената заштита која може да следи. Поздравите бремености и раѓања чинат помалку за семејствата и владите. Секако, најголемата корист се состои во помагањето на жените и семејствата да бидат поздрави.