Кластерот на заразени се поврзува со најголемиот пазар за зеленчук и морска храна во Пекинг. До пред овие заразени Пекинг имаше серија од 50 денови без ниту еден потврден случај.
Вирусот, според локалните медиуми, бил откриен на даските за сечење што се користат на пазарот за увезен лосос, по што големите супермаркети во градот ја повлекуваат рибата од своите продавници.
Сега градот повторно ги враќа на сила мерките за ограничување на движењето, а од рестораните и продавниците повторно се бара собирање лични податоци за потрошувачите, само една недела по укинувањето на мерките.
Сомнителниот пазар е ставен под клуч, а изолирани се и 20 населби во близина на пазарот. За сега во овие населби е забранет влез на посетители и испорака од каков било тип, меѓутоа на жителите им е дозволено да ги напуштаат и да се вратат.
Дополнително ќе се тестираат и околу 10.000 вработени на пазарот.
Новиот бран е сериозен удар за напорите на Кина да ја воскресне економијата, кои изминатите недели за прв пат од почетокот на пандемијата почнаа да покажуваат какви-такви резултати.