Студија на Универзитетот во Толедо објавена во журналот Сајантифик рипортс го испитува влијанието што блиска или долготрајна изложеност на бран со бранова должина од 445 нанометри, наречен „сино светло“, може да го има врз започнување на неповратно оштетување на очите.
„Фоторецепторите се возилото, а ретиналот е горивото,“ објаснува авторот на студијата, професорот по хемија Аџит Карунаратне.
Во лабораториските експерименти кога клетките од окото биле директно изложени на сина светлина (имитирајќи она што се случува додека гледаме во телефонски или компјутерски екран) брановите со висок интензитет започнувале хемиска реакција во молекулите ретинал во окото, односно предизвикувале оксидирање на ретиналот.
„Ретиналот, засилен од оваа конкретна светлина, ги убива фоторецепторите, кои не се регенерираат откако еднаш се уништени. А ако ретиналот е горивото, тогаш синото светло е опасната искра,“ објаснува Карунаратне.
Иако нема да ослепете од едно погледнување во смартфон, „она што го докажува експериментот е дека синото светло ги уништува фоторецепторите, а ако уништи доволно од нив може да доведе до дегенерација на макулата која предизвикува заматување или комплетно губење на видот“.
Синото светло природно се појавува во сончевата светлина, со таа разлика што по цел ден не зјапаме во сонце како во смартфон или друг екран. Зрачењето од сината светлина е посебно штетно во темница (кога зјапаш во телефон, таблет или лаптоп пред спиење), бидејќи тогаш повеќекратно се интензивира светлината што се емитува од уредот.
Едно од решенијата е оставање на телефонот, а ако тоа ти е неиздржливо колку-толку помагаат night shift / dark mode верзиите на апликациите што ги користиш, или инсталирање на апликации кои ќе го заменат синото светло со не толку штетно жолто.