Целата кариера на Дурандар се менува по една средба со семеен пријател, инаку ветеринар, С. М. Аџинкуја, кој му се жали на младиот доктор дека живинарската индустрија во Индија ја има зафатено епидемија. Аџинкуја го има идентификувано вирусот и го има именувано делумно по себе - СМАМ-1. Заболената живина имала стеснета градна жлезда, зголемени бубрези и црн дроб, и наслаги на масти на абдоменот.
Она што според Дурандар е чудно во целото објаснување од Аџинкуја е тоа што вирусите обично предизвикуваат губење килажа, а не качување. Тој решава да почне да го истражува проблемот и почнува експерименти со кокошки. Во неколку најразлични верзии, изолирани, не изолирани, измешани, резултатите на Дурандар секогаш се идентични - сите кокошки што биле заразени со СМАМ-1 вирусот се здебелиле, ама и покрај тоа што биле подебели тие имале понизок холестерол и триглицериди отколку птиците што не биле заразени. Во еден од побројните експерименти, тој забележува и дека вирусот успева да се пренесе од заразените на незаразените птици.
Затоа што не може да зарази луѓе за да експериментира на нив, Дурандар зема крв што за потребите на други тестови ја дале пациентите од неговата клиника за борба со дебелината. Излегува дека 20% од луѓето биле позитивни на СМАМ-1, и сите од овие 20% биле потешки, имале поголем БМИ и понизок холестерол и триглицериди споредно со оние кај кои не е најден вирусот. Во просек заразените биле 15 килограми потешки од останатите.