Како долгогодишна жителка на Менхетен, Аманда Мул од Атлантик, има развиено сопствена мини игра за кога шпарта по улици: дали мажот / жената со која се разминува е славна личност или само богаташ.
„За да играш треба да решиш дали човекот ти паднал во очи затоа што е славен. Ќе имаш само чувство дека се славни. Но најчесто станува збор за обичен човек кој личи на славна личност, со исполиран изглед што речиси секогаш го имаат. Ако доволно долго ја играш играва со тек на време ќе сфатиш дека она што те застанало не е само скапата облека или неверојатната сличност со ѕвездите. Туку се работи за мазната кожа кој изгледа како да нема без пори, која е секаде еднакво тонирана и полна. Богатите, без разлика дали славни или не, обично имаат воочливо хидрирана кожа,“ пишува Мул.
Народната мудрост за грижа на кожата има два прости чекори: Чекор 1. Прави само здрави работи. Миј го лицето, избегнувај сонце, хидрирај го, носи крема за заштита од сонце и спиј. Чекор 2: нанесувај правилни креми и серуми. Овој совет постојано е повторуван во женските магазини, „со речиси религиозна наметливост. Ако го најдеш правиот производ за тебе и тераш живот поволен за твојата кожа (без алкохол, без млечни производи, нема уживање во ништо), тогаш ќе бидеш награден со сјај од младост и правичност“.
Мул нагласува еден многу важен дел од целата равенка:
„Овие совети обично доаѓаат од богатите кои имаат пристап до најдобрите производи за грижа и третмани за кожа, и сакаат да ја пренагласат важноста на својот животен стил додека истовремено ги туркаат под тепих вистинските трошоци на штелување на хемијата на твоето лице.
Можеш да пиеш колку сакаш вода и да мачкаш колку сакаш крема за сонце, ама тоа нема да биде ни приближно ефикасен трик за нега на кожа како имање многу пари.“
Самата аура околу „убавата кожа“ е длабоко вкоренета во капиталистичкото сфаќање на успехот, и дека тие што ја постигнале таа убавина вистински ја заслужуваат затоа што се потрудиле околу нејзе.
„Ние претпоставуваме дека оние на врвот се таму затоа што направиле нешто што треба. И ако имаат прави заби и тонирано тело, и мазна коса тоа е затоа што и тоа го прават како што треба. Не дека ние сметаме дека лошата кожа е морален неуспех. Тука сметаме дека сиромаштијата е тоа,“ пишува новинарката Џаја Саксен, која на почетокот од годинава објави свое истражување за поврзаноста меѓу кожата и сиромаштијата.
Ваквото доживување на славните и богатите е засилено и од медиумите кои упорно наметнуваат дека нивните резултати се заслужени преку работа и активност „а во реалноста тие обично се купени со пари“.
„Обичните луѓе се гладни за инсајдерски информации за тоа како богатите и убавите станале такви, што значи дека речиси сите медиуми што се занимаваат со убавина редовно објавуваат списоци со фори од модели и актерки.
На авторите и уредниците, како и на анкетираните славни жени, јасно им е дека одговорот е комбинација на младост, генетска среќа, и пристап до скапи производи, третмани и козметички процедури кои мал број луѓе вон нивниот свет би можел да си ги дозволи.
Меѓутоа 20 и нешто годишни да ти кажуваат за нивните скапи ласерски третмани би било премногу депресивно за жени да го читаат и премногу срамно за професионално убавите да го признаат,“ објаснува Мул.
Таа како пример дава едно интервју на магазинот Ел со 17 манекенки од Викторијас сикрет за тоа како се грижат за кожата. Пола од нив кажуваат дека пијат вода и вежбаат, другите споменуваат неколку евтини решенија кои придонеле за нивната квалитетна кожа.
„Но, ниту една од нив не ја спомена Мзиа Шиман, која се грижи за кожата на манекенките на Викторијас сикрет. Третманите на лице во нејзиниот салон во Њујорк почнуваат од 200 долари па нагоре,“ потсетува Мул.