Мозоците на тинејџерите значајно остареле во пандемијата

Мерките кои се преземаа во ерата на пандемијата како што беа карантини, заклучување дома, затворање училишта, откажување спортски и други настани довеле до тоа мозоците на тинејџерите кои минуваа низ тој период битно да остарат. Не малку, туку цели четири години, утврдиле истражувачи од Универзитетот Вашингтон.

Студијата била започната со магнетни резонанци уште во 2018 година за да се следи како со текот на времето се развива и менува структурата на мозокот на 160 тинејџери од Сиетл. На почетокот на студијата имале меѓу 9 и 19 години.

Скенирање на мозоците не можело да се прави до 2021 година, бидејќи една година претходно започнаа ковид рестрикциите па фокусот на истражувањето го пренасочиле на тоа како изолацијата влијае на мозокот на адолесцентите.

Лошо.

Со мерење на дебелината на церебралниот кортекс, надворешниот слој на ткивото на мозокот кој ги контролира неговите виши функции како што се расудување и донесување одлуки, откриле дека мозокот на момчињата прерано остарел за 1,4 година а на девојчињата за дури 4,2 години.

Церебралниот кортекс природно се тенчи како што се старее и тој процес е поврзан со помалку флексибилно размислување и други проблеми кои ги поврзуваме со стареењето. Во овој тригодишен период тој процес било значајно забрзан кај младиве.

Поголемата изразеност на проблемот кај девојчињата би можел да е последица на разликите во социјалната интеракција: дечките често се збираат заради спорт и телесни активности а девојчињата се потпираат на лични односи заради емоционална поддршка и развој на самоидентитетот.

„Кога девојките и жените се под стрес, се јавува природна реакција за собирање и потреба од разговарање. Тогаш се ослободува окситоцин и други невротрансмитери кои помагаат да се чувствуваат подобро.“ вели доктор Елен Роме од Кливлендската клиника.

Токму тоа што им беше ускратено за време на заклучувањата.

За жал, кортексот на може повторно да се врати на некогашното ниво и продолжува од онаму до каде што дошол.

Засега не се знае дали прерано остарените „пандемиски мозоци“ на младите можат да бидат изложени на поголем ризик и од пореметувања како што е АДХД и депресија, а можеби дури и од Алцхајмерова и Паркинсонова болест.

11 септември 2024 - 15:42