Нил Фергусон е епидемиолог и професор по математичка биологија, еден од најбараните луѓе за симулации на кризни ситуации и изработка на математички модели на различни сценарија, професор кому му се мери секој збор а камоли онакви предвидувања кои пред некое време ги презентираше пред најтесниот круг на британската влада.
Кога тој ги соопшти резултатите од своите анализи, наопаку се преврте целата стратегија на островот. Дотогаш лабаво, преку ноќ решија дека нема место за играње и импровизација и се одлучија на глобално прифатените изолации, карантини и мерки за ублажување на кривата.
Моделот на Империјалниот колеџ од Лондон тогаш предвидуваше 550.000 мртви во Велика Британија и 2,2 милиони мртви во САД (наводите беа споделени со Белата куќа по што веднаш следуваа препораките за социјална дистанца).
Апдејтите на тој модел беа уште повознемирувачки: наместо првичните 15%, подоцна се отиде на 30% потребни хоспитализации од заболените, по што се заклучи дека британското здравство со своите 4.000 болнички легла нема да може да ја издржи кризата.
Тој модел се прифати како основа на донесување на главните политички одлуки во врска со пандемијата, иако постоеја и поинакви мислења. На пример, на тимот од Оксфорд, воден од врвниот епидемиолог Сунетра Гупта, за што пишувавме во „Можно е веќе да се заразени половина Британци“. Патем, Гупта уште тогаш се залагаше за брзо и масовно тестирање со анти-тела, чекор без кој не може да се процени во која фаза е епидемијата и да се преземат соодветни мерки а за што во македонската државна здравствена стратегија постои едно неверојатно инаетење и инсистирање да се продолжи со сегашната тактика за лимитирани тестирања.
Назад кон Фергусон и Империјалниот модел. Нивните најнови проценки велат дека Британија нема да заврши со 500.000 мртви туку со 20.000 (не двеста, туку дваесет илјади) а дека под два милиони жртви до крајот на годината ќе бидат не САД туку целата планета. И патем, дека Британија ќе има доволно кревети.
Иако сега потсетуваат дека нивните први проценки биле темелени на сценарио во кое ништо не би се преземало, разликата меѓу 500.000 и 20.000 мртви е толку фрапантна што и реномираниот магазин Нејчр пишува како „епидемиолозите избрзаа со моделот на пандемијата на коронавирусот“.
И ете ги сега овие:
Во цитираната статија на магазинот се објаснуваат основите на тие математички кризни модели во кои се ставаат куп параметри чии вредности се менуваат за да се истражи колку промената на некој/некои параметри влијае врз конечниот исход, па се добиваат различни сценарија на кризата.
Алгоритмот, на пример, се полни со детални информации за бројот и густината на населението, возрасната структура, транспортните линкови, социјалните контакти, големината и хомогеноста на социјалните групи, здравствената мрежа, културолошките навики.... и врз основа на тоа се моделираат виртуелни копии на цели градови, региони или држави. Битни особини за квалитетот на моделот е да биде и робусен и сензитивен. Но, некои параметри (кои се штимаат како на миксета во студио) се засноваат не на податоци туку на проценки и тука е еден можен извор на грешките. А некои податоци се и недостапни, на пример колку има луѓе без симптоми а се носители на вирусот (затоа Оксфорд и Гупта инсистираат на тоа).
Но, најголемата грешка е што кога ќе допрат до јавноста, таквите модели се толкуваат како кристални топки кои ја предвидуваат иднината. А не се тоа.
Видете и кај Атлантик: „Не им верувајте на моделите за ковид-19“
Веројатно многу работи ќе се сведат на она што го пренесовме уште во февруари, во статијата „Без паника, веројатнo сите ќе фатиме коронавирус“:
Многумина ќе се разболат. Мал процент од нив ќе умрат. Другите ќе навикнат.
А кај и да е, на ред ќе дојде и економијата. Е, тука допрва ќе биде „весело“.