Корисните страни на депресијата

Депресивните етапи, иако со различен интензитет и во различен број репризи, се периоди од кои никој не е поштеден. 30 до 50% од нас барем еднаш ги исполниле дијагностичките критериуми за депресија. Ако веќе страдањето е непроменлив дел од равенката, паметно е да се откажеме од идејата дека ќе го нема. 

Депресијата е ужасно искуство кое животот може да го претвори во пекол. Поентата не е дека таа може да стане благодет само ако решиме да ја гледаме како таква; работата е многу посложена од тоа, а во некои случаи и толку сериозна - што „лајфкоучинг“ инсистирања на позитивни аспекти не значат многу.

„Секој чувствува дека е сам во пеколот, и тоа е она што го прави пекол“, има кажано Рене Жирар.

„ДЕПРЕСИЈА НАС ЈЕ ОДРЖАЛА“

Структурата на човечкиот мозок покажува дека фронталниот кортекс, последниот еволуциски гаџет што ни овозможува да градиме облакодери, да создаваме уметност и да потпишуваме мировни договори - е истиот оној што прави да сме во депресија. Зголемената темепература, намаленото железо во крвта, хипер-чувствителноста и социјалната повлеченост, изиграле важна улога во нашата способност да се справиме со инфекции. Овие реакции, кои се воедно и симптоми на депресија, делувале како антибиотици во добата пред антибиотиците. 

Друго истражување покажува дека сезонското афективно растројство - тоа што сме депресивни во зима - тера на зближување и зајакнување на машко-женските односи, што еволуциски значело поголеми шанси како за принова така и за опстанок на тие бебиња. Растројствата и депресивните состојби, важат како инспиративни и за уметноста. 

НИ ДАВА СИЛЕН ФОКУС И ДЛАБОКА КОНЦЕНТРАЦИЈА

Иако ни се гледа поцрно од вообичаено, тоа црно има повеќе нијанси одошто шаренилото во кое живееме расположени. Луѓето со подобро расположение имаат тенденција да се фокусираат на „шумата“, додека тажните расположенија ни носат фокус на „дрвјата“. Така е и при цртање - тажните почесто го цртаат она што навистина го гледаат, а посреќните она што мислат или сакаат да го гледаат.

Накратко, депресијата нè тера да обрнуваме внимание на детали, подобро да забележуваме поединости, и ни остава простор подлабоко да навлеземе во проблемите. 

Во однос на нагонот социјално да се изолираме, ни тој не е апла негативен, затоа што ни дава шанса да се преиспитаме и да се насочиме кон работи што ни се навистина важни. Големи работни успеси често коинцидираат со работни навики изградени во лоши епизоди кога луѓето „бегаат“ во работа. 

Добрите идеи често се кријат во длабокото, и невидливи се во периодите кога сме бомбардирани од илјадници пријатни дразби. 

ОВОЗМОЖУВА ПОДОБРО ДА ПРОЦЕНУВАМЕ, ОСОБЕНО ЛУЃЕ

Луѓето полесно носат погрешни заклучоци кога се расположени. Според истражувањата, луѓето драматично подобро расудуваат кој е виновен а кој не, кога се во лошо расположение. Исто така, депресивните имале подобро запамтено што е точно а што е погрешно во искази кои им биле презентирани две недели претходно. 

Исто така, докажано е дека луѓето во депресија повнимателно ги толкуваат однесувањата на другите луѓе, другите преку тоа поминуваат лефтерно. Луѓето во депресија покажуваат склоност да веруваат дека има повеќе од тоа што е на површината. Ова е клучен предуслов за здрави социјални врски. 

Прифаќањето на депресијата како неизбежен дел од животот, ни дава храброст да носиме тешки одлуки и да останеме на нозе во тешките моменти.

„Конечно, нè прави поотпорни, затоа што и отпорноста, како и мускулите, расте само коа е под притисок“, поентира Џордан Харбингер.

***
Види и: Депресијата не е прашање на серотонин

23 декември 2022 - 16:51