
Најголемата медицинска добротворна организација во светот, Wellcome Trust, ги даде почетните 10 милиони фунти за Проектот за синтетички човечки геном, за кој е убедена дека „има потенцијал да направи повеќе добро отколку штета“ со забрзување на третманите за многу неизлечиви болести.
Небото е граница. Разгледуваме терапии што ќе го подобрат животот на луѓето, што ќе доведе до помалку болести со стареењето. Сакаме да генерираме клетки отпорни на болести што можеме да ги користиме за обнова на на оштетените органи, на пример во црниот дроб и срцето, дури и во имунолошкиот систем, објаснува докторот Џулијан Сејл од Лабораторијата за молекуларна биологија на MRC во Кембриџ.
Секоја клетка во нашето тело содржи ДНК која ги носи потребните генетски информации. ДНК е изградена од само четири блокови наречени А, Г, Ц и Т, кои се повторуваат во различни комбинации и кои физички го одредуваат секој човек.
Првата цел на научниците е да развијат начини за градење на сè поголеми блокови од човечка ДНК, сè до точката кога синтетички ќе конструираат човечки хромозом, кој ги содржи гените што го регулираат развојот, обновата и одржувањето. Следниот чекор се експерименти за да се дознае повеќе како гените ги регулираат телата.
Создавањето ДНК од нула ни овозможува да тестираме како таа навистина функционира. Во моментов можеме само да прилагодиме ДНК што веќе постои во живите системи. Многу болести се јавуваат кога овие гени тргнуваат наопаку, па студиите би можеле да доведат до подобри третмани, според професорот Метју Харлс, директор на Институтот Велком Сангер, кој го секвенционираше најголемиот дел од човечкиот геном.
Работата ќе биде ограничена на епрувети, наводно без обид за создавање синтетички живот. Но, критичарите стравуваат дека истражувањето отвора пат за создавање модифицирани луѓе.
Технологијата ќе им даде на истражувачите невидена контрола врз човечките живи системи. Ништо не може да спречи бескрупулозни научници да ја злоупотребуваат. Тие би можеле да се обидат да создадат биолошко оружје, суперлуѓе или дури и нови суштества, според проф. Бил Ерншо, почитуван генетски научник на Универзитетот во Единбург, кој дизајнирал метод за создавање вештачки човечки хромозоми.
Наспроти потенцијалната злоупотреба на технологијата, Wellcome ја оправдува одлуката за финансирање.
Се прашавме која е цената на неактивноста. Оваа технологија еден ден ќе биде развиена, па затоа правејќи ја сега, барем се обидуваме да ја направиме на што е можно поодговорен начин и да се соочиме со етичките и моралните прашања, вели докторот Том Колинс.