Каменот од Розета на анти-ваксерското движење е студија од 1988 година, објавена во британскиот научен магазин Лансет која ги поврзува вакцините со аутизмот. Иако таа приказна повеќекратно и убедливо е побиена, лавината која ја покрена си тера по свое. Имено, докажано е дека авторот Ендрју Вејкфилд ги фалсификувал податоците и примал пари од адвокати кои ги тужеле производителите на вакцини. Лансет ја повлекува студијата, Вејкфилд ја губи својата докторска лиценца а 21 последователно истражување - вклучувајќи и едно данско со повеќе од 650.000 деца - не наоѓаат врска меѓу ММР вакцината и аутизмот.
20 години подоцна, во 2010 и 2011 година, Вејфилд (кој денес живее во САД), посетува една сомалиска заедница во Минесота. Го прави тоа неколкупати, со соработници кои делат памфлети против вакцините. Веќе во 2014 година стапката на вакцинираност во таа заедница, која пред десет години била 92%, паѓа на 42%. До 2017-та година, над половина од случаите со сипаници во САД се кај деца од сомалиско потекло.
Пред две децении, во многу земји сипаниците се сметаа за искоренети. Во првите пет месеци од оваа година, во САД се регистрирани 1.000 случаи, повеќе отколку во периодот 2.000-2010. Види коинциденција, од почетокот на векот до сега, бројот на деца помали од две години кои останел без вакцина се зголемил четирикратно и тоа е вистинското добредојде за болеста која некогаш им хоспитализираше по 50.000 лица годишно и убиваше стотици луѓе.
Опасниот недостаток од историска меморија е дел од едно пошироко „заборавање“. На пример, како „економскиот патриотизам“ од 30-тите години, кога САД воведоа царински тарифи на 20.000 странски производи, доведоа до тоа другите земји да вратат со контра-мерки, да се продлабочи рецесијата и во крајна мерка сериозно да му се помогне на Адолф Хитлер да дојде на власт.
Во игра е и постојаниот пад на довербата во институциите: Во 1964 година, 77% од Американците биле уверени дека властите „во поголем дел од случаите носат правилни одлуки.“ На почетокот на веков тоа паѓа на 40% за после финансиската криза од 2008-ма да се спушти на 20%.
Во игра е и неверојатната самодоверба во своето (не)знаење. Самостојното образование има голем сојузник во интернетот но тоа не значи дека ако изгледаш дузина јутјуб видеa, можеш себе си да се нарекуваш истражувач.
Во игра е и егоизмот на радикалниот индивидуализам. Можеби сипаниците не се жестоко опасни за здраво дете но се смртоносни за компромитиран имунолошки систем. Затоа е битен „имунитетот на стадото“.
Не дека не може ништо да се стори. Кога веќе анти-ваксерите црпат сила од коруптивноста на институциите, сериозните влади можат да дадат повеќе пари на независни и транспарентни испитувања на вакцините, без да се смета на помош од големата фармација. А клучна е и силата која им се дава на докторите. Кога државата Вашингтон во 2011 година воведува задолжителен разговор со педијатар пред да се одобри изземање од вакцинирање, бројот на оние кои одбиваат има паднато за 40%. Но, целиот систем е зезнат и му е потребна темелна реконструкција. На пример, денес педијатрите минуваат помалку време со пациенти отколку некогаш. Тоа не е поврзано со нивната мрза туку со системот за здравствено осигурување кој форсира колку пациенти си одработил на сметка на тоа колку време си посветил на тоа „одработување“.