Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, ги интересираат точните ефекти што временски ограниченото јадење го има врз слабеењето и метаболизмот кај пациенти со преголема тежина.
Заклучокот им е дека фастингот (временски ограничено јадење) се поврзува со скромен пад на тежината на испитаниците од само 1,17%, што не е значително различно од падот во тежината кај контролната група кој изнесувал 0,75%.
Или како што тие ќе кажат во студијата објавена во Журналот на американската медицинска асоцијација: „временски ограниченото јадење во ова студија не доведе до загуба на килажа или кардио-метаболички подобрувања.“
Околу деталите: биле ангажирани мажи и жени на возраст од 18 до 64 години со БМИ меѓу 27 и 43 (пример маж висок 187 сантиметри и тежок 135 килограми има БМИ од 38). Испитувањето траело 12 седмици и сите практикувале 16:8 постење (16 часа не отвораш уста, 8 часа јадеш). Периодот на јадење им почнувал во 12 часот на пладне и завршувал во 20 часот, а за тоа време имале право на само 3 оброка.
„Временски ограниченото јадење, во недостаток на други интервенции, не е ништо по ефективно во симнување килажа од јадење за време на целиот ден,“ е крајната порака на оваа студија.
Ако треба да се најде нешто позитивно во овие бројки е дека испитаниците не се здебелиле со временски ограниченото јадење.