Тогашните аргументи на фармацевтската индустрија беа дека тие потрошиле неброени пари за развивање на вакцините, и дека ќе им требаат парите од продажбата на вакцини за да развиваат апдејти кои ќе се справат со новите варијанти на ковид-19.
СЗО се обиде да ја стимулира соработката преку програмата за Пристап до технологија, која поттикнува размена на интелектуална сопственост, меѓутоа и по една година „ниту една компанија го нема донирано своето знаење“. Ништо подобро не мина ни Ковакс програмата на О.Н. која требаше да испорача вакцини на сиромашните држави. До сега Ковакс има добиено 90 милиони од ветените 2 милијарди дози.
За да нема заблуда, успехот и создавањето на вакцини како оние на Фајзер и Модерна, се базира на децении работа финансирана од државни пари на научници, во конкретниов случај, од Универзитетот во Пенсилванија која ја создаваат технологијата зад информациските РНК вакцини.
Дури потоа пример Фајзер, со помош на Бионтек, чија работа исто така е финансирана со милијарди евра од германскиот буџет, успеваат да создадат вакцина против ковид, која на крај годишно ќе им донесе приходи од десетици милијарди долари.
За споредба, Њујорк тајмс пишува дека годишната плата на еден од научниците што работеше во Универзитетот во Пенсилванија, никогаш не надминала 60.000 долари.
Една од најскандалозните одлуки беше кога научниците од Оксфорд кои првично имаа намера да ја објават без никакви ограничувања за користење технологијата зад вакцината на АстраЗенека, беа пишманети под неверојатниот притисок од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс која инсистираше технологијата да биде лиценцирана на АстраЗенека.
По ова ЦЕО-то на АстраЗенека, Паскал Сориот, порача дека интелектуалната сопственост е „фундаментален дел од нашата индустрија и ако не ја заштитиме интелектуалната сопственост, никој нема да има иницијатива за иновација.“ Сориот нема проблем да го каже ова и покрај тоа што научниците на Оксфорд кои ја создадоа вакцината буквално работеа без стимулот што тој тврди дека е неопходен.
Како што ќе напише финансискиот експерт Ив Смит уште во 2019, „кога производителите на лекови тврдат дек високите цени се клучни за иновација тие ’најдрско лажат’“. Смит обработува податоци од 18 фармацевтски компании од С&П 500 листата за периодот од 2009 до 2018. Неговите бројки покажуваат дека овие компании потрошиле 14% повеќе средства на откупување акции и дивиденди отколку на инвестирање во иновација и развој.
Според неодамнешен извештај, значителен дел од парите што се инвестираат во иновација и развој, не оди за иновативни истражувања, туку за „наоѓање начини како да се потисне генеричката конкуренција, а во исто време да се продолжи со кревање на цените“.
По притисок од упорното ширење на пандемијата и упорното држење до интелектуалната сопственост, во отворено писмо неодамна потпишано од стотина изучувачи на интелектуалната сопственост се наведува:
„Интелектуалната сопственост (вклучително и патентите), не е и никогаш не била апсолутно право и е доделена и признаена под услов дека му служи на јавниот интерес.“
Врз основа на ова, аргументот е дека ако производителите на вакцини за ковид-19 одбијат да ја направат јавно достапна технологијата зад нивниот производ, тогаш владите треба воведат задолжително лиценцирање или слични мерки.
Ако филантропија и хуманост не е доволна причина, можен стимул за владите низ светот се изјави како онаа на финансискиот директор на Фајзер, кој порача дека кога ќе се укинат пандемиските ограничувања на цената на вакцините, нивната цена би можела да порасне и за 9 пати (од сегашните 19,5 долари).
„Ако компаниите водени од алчност не успеат одговорно да ги практикуваат своите моќи, тие треба да се соочат со конкуренција од јавниот сектор. Претседателот Бајден изјави дека ’капитализам без конкуренција не е капитализам, туку е експлоатација’. Додека голем број луѓе ја поздравија оваа изјава, ако подлабоко земеш да ја анализираш ќе сфатиш дека: претседателот во основа, вели дека треба да очекуваме корпорациите да нè експлоатираат дури кога имаат и најмала шанса,“ пишува Џаг Бала во текстот за Фаст компани.