"Да беше моќта лекарство, таа ќе доаѓаше со долг список на познати нус-појави. Може да опие. Може да расипе. Дури може да направи Хенри Кисинџер да верува дека е сексуален магнет," пишува Џери Усим.
Тој почнува со сослушувањето на Џон Стампф пред Конгресот, каде поранешниот ЦЕО на Велс Фарго требаше да објасни како не успеал да спречи 5.000 негови вработени да отвораат лажни сметки за клиенти. Таму Стампф како човек што стига до врвот на една од најголемите светски финансиски институции не изгледа ниту неискрен, ниту надмен, ниту дека жали, туку "изгледа дезориентиран, како вселенски патник во 'џет-лег' кој само што дошол од планетата Стампф, каде почитта кон него е природен закон а 5.000 е мала бројка".
"Што се случуваше во главата на Стампф? Новите студии покажуваат дека подоброто прашање е: што не се случуваше?" пишува Усим.
Две децениски студии на професорот по психологија од Беркли, Дачер Келтнер, покажуваат дека субјектите кои биле под влијание на моќта делувале како да имаат доживеано трауматска повреда на мозокот, стануваат "поимпулсивни, помалку претпазливи кон ризикот, и клучно, помалку подготвени да ги видат работите од перспектива на други луѓе."
Невронаучникот од Мекмастер Универзитетот од Онтарио, Саквиндер Оби, прави снимки на работата на мозокот на луѓе кои имаат голема моќ и оние не така моќните. Тој открива дека моќта "попречува одредени неврални процеси, како 'ставање во туѓа кожа', кои се темелите на емпатијата".
"Тоа дава невролошка основа за она што Келнер го нарече 'парадокс на моќта': Кога ќе стекнеме моќ, ги губиме капацитетите што ни биле потребни да стигнеме да таму," објаснува Усим.
Можно решение на проблемот не е откажување од моќта, туку човек да прекине да се чувствува моќен.