За инает на Северна, север се помести

Северното магнетно поле на нашата планета неочекувано забрзало и почнало да шиба од канадскиот Арктик накај Сибир. Промената е таква што актуелниот модел на магнетното поле на Земјата веќе не важи па мора да се прави нов.

Актуелниот модел на магнетното поле на Земјата беше направен во 2015 година и следното штимање беше закажано за 2020-та. Но, неочекуваното придвижување на северниот магнетен пол во правец на Сибир веќе го прави моделот непрецизен и новиот ќе беше готов на 15 јануари, ако функционираше американската влада. А не функционира, како што знаете, заради Трамп.

Науката цени дека полето почнало да се движи некаде во 1.800 година, на почеток скромно, но се забрзува сè повеќе и повеќе. Ако во средината на 90-тите години на минатиот век се поместувало 15 километри во една година, денес се изместува цели 55 километри годишно.

Светскиот магнетен модел е еден од неколкуте модели на оваа тема. Друг таков е Геомагнетното референтно поле, модел кој го следи отстапувањето меѓу географскиот север (значи Северниот пол) од магнетниот север, тоест она кон кое се врти стрелката од компасот. 

На научниците не им е најјасно што стои зад забрзаното придвижување. Положбата на северниот магнетен пол е под влијание на два големи региона со свое магнетно поле, еден под Канада а другиот под Сибир. Со други зборови, континенталната плоча под Канада и онаа под Сибир се составени од железни руди кои се магнетизирани и затоа влијаат врз магнетниот пол.

Во моментов, Сибир ја добива утaкмицата.

 

 

16 јануари 2019 - 14:57