Дуду Мазибуко е градоначалничка на Утукела и веќе поделила 16 стипендии. За нив има само два услова: студентката да е невина и таква да остане.
За Би Би Си Мазибуко објасни дека ваквиот начин на наградување има за цел да ги намали несаканите бремености и бројот на лица заразени од ХИВ. Локалната власт верува дека ваквиот систем ќе им помогне на младите девојки да останат чисти и фокусирани на школото.
За да не мора факултетите или општината да се занимава со тоа, тестирањата ќе се одвиваат во рамките на редовните годишни подготовки за Зулу церемонијата во која млади девици му играат на кралот Гудвил (како да не биде гудвил?) Звелитини.
За да ја добијат стипендијата, студентките ќе мора да добијат сертификат за невиност а потоа еднаш годишно да се подвргнуваат на редовна проверка на пломбата.
А проблеми кои Мазибуко сака вака незграпно да ги реши државата навистина има. Јужна Африка е земја со една од најголемите ХИВ епидемии на светот: 17% од населението односно 5,6 милиони луѓе се заразени од вирусот. Башка, годишно се регистрираат по 20.000 случаи на бременост кај млади девојки, неколку стотици и меѓу основки.
Пар тамошни здруженија за родова еднаквост и права на жените се побунија против ваквото наградување сметајќи го за неефикасно и дискриминирачко. И за оние што ќе затруднат а и за машките студенти.