Извештајот кој потврдува дека транс-жените задржуваат одредена физичка предност се базира на најновите истражувања и на разговори со 300 лица од 175 организации во изминативе 18 месеци.
Моментално најголемиот дел од спортовите на светско ниво ги користат правилата од МОК од 2015, според кои транс-жените смеат да се натпреваруваат само ако нивото на тестостерон им е под 10 наномоли на литар, иако и самиот МОК во август призна дека правилата „не се соодветни на намената“.
Во новиот извештај на Советот се наведува дека машките спортисти во просек имаат 10 до 12 проценти предност пред женските кога се во прашање пливање и трчање, меѓутоа ова расте во дисциплини со скокање или спортови кои се базираат на сила како кревање тегови.
Заради ова предлогот е дека прифаќањето на транс-родовите спортисти во соодветни категории треба да биде индивидуално одредено од секој спорт, и дека треба да почне да се размислува за нови „отворени“ или „универзални“ категории, како би се постигнал баланс меѓи приоритетите „за инклузивност, правичност и безбедност“.
Насоките од извештајот се националните федерации „да најдат иновативни и креативни начини за да осигураат дека никој не е исклучен од спорт,“ како нови формати и неконтактни верзии на тимските спортови.
Одлуката повторно се префрла на федерациите, кои треба да одлучат дали ќе се фокусираат на инклузивност или безбедност во спортот во рамките на сегашниот формат.
„Ова значи дека контактните и боречки спортови кои можат да решат да приоретизираат безбедност, или спортови базирани на сила, издржливост и мускулатура кои може да приоретизираат ’компетитивна правичност’ би можеле да креираат дополнителни универзални категории за транс спортистите,“ пишува Џереми Вилсон во текстот за Телеграф.
Една од причините за изработување на извештајот потекнува од британската рагби федерација и нивната одлука да дозволат вклучувањето на транс-жени во женските рагби клубови. Светската рагби федерација не дозволи учество на транс-жени во женска категорија во меѓународни натпревари заради безбедност на рагбистките, меѓутоа им дозволи на сите федерации сами да си одлучат за себе на домашно ниво.
Правилото во Англија е дека транс-жените можат да се натпреваруваат во рагби во женска категорија, но, меѓудругото, претходно цела година треба да имаат нивоа на тестостерон под 5 наномоли на литар. По оваа основа на седум транс-жени во изминатите три години им беше дозволено да играат рагби во Англија.
Во март годинава, се појавија предлог правилата на Федерацијата кои предвидуваа дека транс-жените над 170 сантиметри висина или 90 килограми тежина ќе минат дополнителна проверка на ризик. Сето ова беше пречекано на волеј од сите страни, па Федерацијата го повлече планот.