Лорел Хабард од Нов Зеланд освојува две златни медали во кревање тегови на Пацифичките игри. Колеџ атлетичарката Сиси Тефлер станува американски НЦАА шампион во втора дивизија на 400 метри. Кроскантри натпреварувачката Џун Иствуд е клучна за успехот на нејзиниот тим. Сите до една некогашни мажи кои го смениле полот.
За овие натпреварувачки да победат, тоа значи дека некои нулта-ден жени треба да изгубат, не затоа што помалку вежбале, или помалку ја сакаат победата, туку затоа што од старт имаат послаба шасија.
Ова е и основа за жалбата на христијанската група АДФ која во име на три гимназии од Конектикат бара исклучување на трансџендер девојките од натпреварување во женска конкуренција. Меѓу аргументите што ги наведува АДФ е и тоа дека две атлетичарки (трансџендер) имаат собрано 15 различни шампионски титули на ниво на Конектикат, кои некогаш биле распределени меѓу 9 различни девојки.
Проблемот со трансжени во женска конкуренција секој го решава различно:
- Американскиот НЦАА (колеџ атлетика, од каде излегуваат сите идни атлетичарски херои на САД) дозволува учество на трансџендер жени откако ќе завршат една година терапија за потиснување на тестостеронот. Еден од пропустите во ова правило е што организацијата нема никакви очекувања колкаво треба да ти биде нивото на тестостерон по завршување на терапијата.
- Олимпискиот комитет дозволува учество на трансжени во женска конкуренција се додека тие можат нивото на тестостерон во крвта да го одржат под 10 нм/л (nano moles per liter) во период од најмалку 12 месеци.
- Меѓународната атлетска федерација бара трансжените да го одржуваат нивото на тестостерон во крвта на 5 нм/л во рок од 12 месеци.
Ваквиот систем има вградени и неизбежни проблеми по основа на човекова биологија:
- Нивоата на тестостерон кај маж во просек се меѓу 7,7 и 29,4 нм/л.
- Нивоата на тестостерон кај жена (пред менопауза) се меѓу 0,1 и 1,7 нм/л.
Што значи дека дури и трансжените да успеат да го симнат нивото на тестостерон тоа пак е повеќекратно повисоко отколку рамките за останатите во нивната класа.
Над сето ова виси уште поголем проблем што и по операцијата за менување на полот, и по терапијата за потиснување на нивоата на тестостерон, трансжената останува со поголеми коски, поголем капацитет на бели дробови и поголемо срце. Плус, додека се мажи ним тестостеронот им помага во развивање на мускулна меморија (способност да се врати мускулната маса по период на неактивност), и тоа преку зголемување на бројот на јадра во мускулите, а откако ќе бидат додадени, овие јадра не исчезнуваат. Заради ова трансжените имаат поголема способност за изградба на мускули дури и по транзицијата.
Неодамна во еден медицински журнал беше објавен есеј за решавањето на разликите и како трансродовите жени да продолжат да се натпреваруваат во спортовите, кој предвидуваше составување еден толку хаотичен систем на категории, конкуренции и употреба на алгоритми, што на крај од текстот авторите признаа дека неговото спроведување би била крајно тешка задача.
Опцијата да се воведе трета категорија за транс-натпреварувачи (која би вклучувала интерсекс луѓе), е одбиена од самите транс-спортисти кои сметаат дека таа ќе биде перципирана како категорија на фрикови, плус нема доволно трансродови спортисти за да се пополнат категориите.
Башка тоа, да не ви раскажуваме во детали дека британската полиција во иднина ќе им дозволува на силувачите (мажи) да се пријавуваат и идентификуваат како жени.