Скапата "гола вода" приказна за водата

Мултинационални кампањи направија милијарди долари на фамата дека водата од чешма е несигурна и нездрава. Еве го она што тие не сакаат да го знаете за темата.

Најголемата потрошувачка измама не е некаков лажен лек којшто се продава преку огласи и ТВ реклами. Најуспешниот продавач на ветер и магла е всушност индустријата на освежителни пијалоци, или Биг бев (од beverages - пијалоци). Таа го продава наједноставниот но и највиталниот производ, илјадници пати поскапо од неговата оригинална вредност. Тој производ е - водата за пиење.

Мултинационалните компании како Пепси, Кока-кола и Нестле комбинирано заработуваат 110 милијарди долари годишно продавајќи вода во шишиња низ светот. Во САД повеќе од половината од населението пие ваква вода, што чини околу 30% од продажбата на течни освежителни продукти, а што далеку ја надминува продажбата на млекото и пивото..

Но скапата вода којашто ја продава Биг Бев не е ништо подобра - веројатно е и полоша - од водата којашто се добива од чешма. Всушност, често тоа е истата вода којашто тие ја продаваат. Тогаш како овие компании успеваат да наплатат неколку долари за нешто што чини само неколку центи и тече од чешма?

Страв

Мултинационалните компании имаат потрошено милиони на маркетинг, за да ги убедат потрошувачите дека водата од чешма има лош вкус, дека содржи високо ниво загадувачи и претставува опасност за човечкото здравје. Според нив, единствениот начин да пиеш здрава вода е преку приватните компании, за 2,000 пати поскапо од водата од чешма.

Изгледа дека оваа тактика функционира. Без оглед што 92% од водата ги исполнува државните и федералните стандарди, и што САД имаат најчиста и најбезбедна јавна вода во светот, анкетите покажуваат дека големо мнозинство Американци многу се загрижени околу квалитетот на водата за пиење.

За да биде уште полошо, наводната здрава алтернатива е речиси нерегулирана. Водата од јавните извори е постојано под надзор, според стандарди на Агенцијата за заштита на животната околина, но водата во шишиња не мора да ги исполнува овие стандарди. Всушност, независно тестирање на оваа вода покажало дека микробиолошките загадувања и високите нивоа на флуор и арсен во неа претставуваат ризик по здравјето.

Јавното веќе не е јавно

„Чешмички за пиење вода порано имаше насекаде, но сега тие полека исчезнуваат, бидејќи јавната вода се потиснува на сметка на приватната контрола и на профитот" - пишува Петер Глик во неговата книга „Ставено во шише и продадено". „Тие станаа анахронизам, дури и товар, симбол на деновите кога домовите немале чешми и водата во шише не била достапна во секоја продавница. Во нашето општество опседнато со здравје, ние се плашиме од јавните чешмички и од нашата 'чешмовача', кои се прикажуваат како извор на зарази", додава тој.

Името е судбина

Половина од сета вода во шише е всушност само филтрирана вода од чешма, со фенси име. „Аквафина", „Дасани"...тоа е истото што ви тече низ чешма, само уште еднаш поминато низ филтер. А потоа спакувано во амбалажа којашто ја загадува животната околина, и се продава многу пати поскапо од нејзината вистинска вредност.

Направени од фосилни горива, пластичните шишиња често не се предмет на организирано собирање и рециклирање, туку го загадуваат пејсажот, а во контакт со самата вода можат да испуштаат и штетни состојки. Како таква се спомнува Бисфенол А, кој е штетен за ендокриниот систем, ја нарушува нормалната работа на срцето и се поврзува со некои видови рак.

Но, и покрај сета бесмисленост на тврдењето дека водата во шише е поздрава од онаа од чешма (барем во развиените земји), ова функционира, на ниво на страв. Индустријата не работи врз убедување само на поединечните потрошувачи, туку и на рестораните, убедувајќи ги да продаваат вода на муштериите, а не да им служат обична (нешто што се случува и кај нас). Цели јавни градби, како на пример спортски стадиони, се градат без ниедна чешма од којашто луѓето би можеле да се напијат. Така, тие на сила ги ожеднуваат посетителите, за да купат вода во чешма и други напитоци, по напумпани цени.

Како тргнало, наскоро водата од чешма ќе биде само за прскање двор или миење кола, што некои алкохолни кругови во Дебар маало одамна го знаат.

1 април 2015 - 14:20