За проблемот на погрешно припишаните цитати, кој дури си има и свој акроним WAS (Wrongly Attributed Statement) или по нашки ППИ (Погрешно припишана изјава) сме пишувале и порано тука и тука. Но има и еден поголем проблем, кога нешто воопшто не е цитат на голем филозоф или позната личност, туку само реченица која треба звучи паметно, а може да ви се најде при уста кога ѝ се пуштате на девојка или кога треба да држите говор.
Во случајов се работи за оптимистична картичка за 50-ти роденден на која пишува: „Сети се дека кога еднаш ќе го искачиш ридот почнуваш да забрзуваш", при што „качувањето по ридот" е веројатно метафора за доживувањето на кулминацијата на животот, после што тој не само што не запира, туку почнува да се одвива со уште поголема динамика. Автор на цитатот според картичката - Шопенхауер.
И не мора да сте го читале големиот германски филозоф од А од У-умлаут (она германско у со две точки одозгора) за да се посомневате дека тој, колку и да бил саркастичен, би се заморувал да отвори уста за да изговори нешто толку банално. Но сајтовите како brainyquote.com и сличните на него, кои често непроверено објавуваат мудри изреки од познати фаци, тврди дека токму тој е автор на оваа со ридот. Површната демократизација на ерудицијата не е нужно лоша работа, но тоа за многумина значи копи/пејст на цитатот, без воопшто да се заморуваат со читање на нечии дела, или барем проверка на податокот.
Некој од Слејт се потрудил да го провери, и сфатил дека истиот цитат му се припишува на Шопенхауер и на куп други сајтови, но се појавува и на најнеочекувани места: сајт на даночни советници, кој нуди утеха на оние кои имаат пролеми на оваа тема, или неонацистички форум на Скинхеди, кои изгледа се исто така загрижени заради сопственото стареење.
Целата потрага по можен вистински автор на наведениот цитат не вродила со плод. Но една од претпоставките за тоа како реченицата завршила во устата на Шопенхауер е дека со оглед на тоа што истата ја има и во стрип на Чарлс Шулц, можно е заради азбучниот ред на сајтовите за цитати таа да се појавила многу блиску до Шопенхауер. Некој едноставно го прескокнал името на авторот на Снупи и ја припишал на германскиот филозоф, а оние по него само го продолжиле синџирот на глупоста. Тоа само покажува колку една банална причина може да има далекусежни последици, доколку фали една работа - ако човек види дека на некој сајт „Сите ве сакам" му се припишува на Ниче, да го изгаси компјутерот и да се фати за книга.