Наидувате на песна, која баш фино се вклопува во секогаш посакуваното „зграпчи го денот", „животот е убав" расположение кое сакате да го пренесете на вашите читатели. „Денес би можел да те сакам како вчера, како утре, како секој ден" - прекрасни стихови, кои балансираат на тенката граница на патетичното но не ја преминуваат. Идеално. Само станува сомнително кога ќе видите дека како нејзин автор е наведен - Борхес.
Слепото чиче кое цел живот пишуваше на метафизички теми, за виртуелни библиотеки, измислени светови, евентуално за мачки, нема ниедна толку експлицитна љубовна песна во целиот негов вам познат опус. Пребарувате на англиски, да - песната велат е негова. Не знаете шпански, ама не се откажувате. Дознавате како се вика „Сè би можел денес" на овој јазик, пребарувате во комбинација со Борхес - штурци. Им пишувате на сајтот каде е објавена песната, и каде често посегнуваат по вакви мали поетски интермеца, да ви кажат од каде е земен оригиналот - ништо. Добро де, што има врска, ви викаат пријателите, обвинувајќи ве за опсесивно-компулсивно книжевно однесување. Нема, ама има. Затоа што eдноставно не е вистина.
Оние кои подолго и повеќе од нас се занимаваат со пишување на интернет одамна се свесни за овој проблем, па постои и посебен сајт Quote Investigator, кој истражува популарни цитати и проверува дали се навистина на оние луѓе на кои им се припишуваат. Пред една недела авторот на сајтот, Гарсон О'Тул се фати да го истражува најславниот краток расказ на сите времиња „На продажба: бебешки чевли, никогаш носени", кој му се припишува на Хемингвеј.
Дека расказот е легендерен е јасно, но дали е исто толку јасно и авторството? Хемингвеј умрел 1961, а расказот прв пат бил објавен во книга во 1991, од страна на Питер Милер, кој го вклучил во форма на анегдота во неговата „Биди објавен!: Финти на еден литературен агент за тоа како да ги продадеш твоите дела", а за неа ја чул од „член на новински синдикат, некаде во 1974".
Во колумна на Хјустон Пост од 1921 истата приказна се спомнува во малку поразлична варијанта, но како реален оглас - „Имаше оглас во бруклинскиот весник Home Talk, кој гласеше: ’Бебешка количка на продажба, неупотребена'. Нели ова би било одличен филмски заплет?". Истото е повторено неколку месеци подоцна во списанието Лајф: „Голем американски драматург ќе биде оној маж или жена кој ќе напише едночинка исто толку силна како и огласот од седум зборови кој го откри Хјустон Пост: 'На продажба, бебешка количка, неупотребена'.
Сепак, најстариот запис е од 1917 година, на некој си Вилијам Р. Кејн - трогателен текст за списанието „The Editor", за мајка која си го загубила детето. Насловот на текстот е „Чевлички, неносени".
Дали овој наслов и оваа приказна имаат некаква врска со Хемингвеј, тоа никогаш нема да го дознаеме со стопроцентна сигурност. Но тоа не е причина да не бидеме љубопитни. Како што рекол Сенека: „Не верувај на сè што ќе прочиташ на интернет“.