Новите коли во ЕУ ќе мора да го следат погледот на возачите

Секој новорегистриран автомобил во ЕУ по 7 јули ќе мора да има вградени камери за следење на погледот на возачот. Целта е да се спречат сообраќајни несреќи од невнимание, но мерката поттикна загриженост дека чувствителни биометриски податоци може да завршат кај осигурителни компании или кај државата, за да бидат употребени против возачите.

Уредите со технологијата за „напредно предупредување за одвлекување на вниманието од возачот“ (ADDW) се дизајнирани да го следат однесувањето на возачот за знаци на потенцијално одвлекување на вниманието, а потоа да активираат предупредување доколку се детектираат тие знаци.

Согласно Општа регулатива за безбедност (GSR), објавена во 2024 година камерите се задолжителни за сите новорегистрирани возила во сите категории на патишта, вклучувајќи автомобили, комбиња, камиони и автобуси, почнувајќи од јули 2026 година.

Технички, системот работи со следење на погледот на возачот секогаш кога ADDW системот е во функција. При брзини помеѓу 20 и 50 км/ч, системот мора да даде предупредување ако погледот на возачот остане во дефинирана „расеана“ видна област повеќе од 6 секунди. При брзини над 50 км/ч, прагот се намалува на 3,5 секунди. Кога ќе се исполнат овие услови, системот мора да вклучи визуелни предупредувања заедно со акустично или друго предупредување, како што се вибрации на седиштето, за да го предупреди возачот. Сигналите може да се каскадираат и да се интензивираат сè додека не престане расеаноста.

Според регулативата, ADDW системите мора да функционираат без употреба на биометриски информации, вклучително и препознавање лица на патниците во возилото. Ова е строго техничко и правно ограничување. На системот му е дозволено само да гледа каде е насочен погледот на возачот, а не и да го идентификува. Системот, исто така, мора да ги обработува податоците во затворен циклус – не смее да ги пренесува на трети страни.

Но, ова поттикна и загриженост дека ограничувањата може да се прекршуваат или дека во иднина со ситни дополненија во одредбата може да се загрози приватноста на возачите и патниците. 

Основа за тревогата се примерите од САД, каде што возилата на Џенерал моторс без соодветна согласност собираа податоци за забрзување, сопирање и GPS. Информациите потоа им беа продавани на компаниите ЛексисНексис и Вериск, кои изработуваа извештаи за осигурителни компании. Федералната трговска комисија го откри скандалот и лани му забрани на Џенерал моторс да ги споделува овие податоци.

Регулативите на ЕУ ја ограничуваат оваа можност, но не ја прават злоупотребата невозможна. Со анализа на податоци за следење на погледот може да се утврди полот, возраста, телесната тежина или емоционалната состојба на возачот. Не се параноични сценаријата дека ваквите податоци може да се зачуваат во возилото или да се пренесат до трети страни заради зголемување на стапките на осигурување, утврдување на вина при сообраќајни несреќи, па дури и во алгоритми за таргетирање со реклами.

Системот што денес работи правилно под еден правен режим може да се пренамени кога режимот ќе се промени. Прописот што денес ја регулира камерата заштитнички настроен. Идните прописи можеби нема да бидат. Разликата од звучен сигнал до „профил на однесување споделен со осигурителот е пократко во пракса отколку што е во принцип, предупредува Форумот за иднината на приватноста.

9 мај 2026 - 12:02