Повеќе од еден век, цилиндар чуван под три стаклени ѕвона во Севр, во близина на Париз, ја дефинираше „вистинската" маса на килограмот на целата планета. Со оглед на кревкоста на предметот кој реагира и на најмала промена во околината, физичарите се обидуваат килограмот да го стандардизираат според величини што не деградираат така лесно. Во случајов тоа е - фрекфенцијата.
Меѓународниот прототип на килограмот, сјаен предмет направен од платина и иридиум, познат и како „Големото К" (Le Grand K), е последен од овој вид. Сите други стандардизирани мерни единици во меѓувреме се редефинирани во смисла на фундаментални природни константи, токму за да се избегнат физичките медиуми. На пример метарот, кој оригинално беше претставен со метална прачка, во 1983 беше редефиниран како оддалеченост која ја минува светлината во вакуум во тек на 1/299,792,458 од секунда.
Веќе некое време група научници работи на ваквото стандардизирање на килограмот, чиј физички прототип се чува во толку контролирани услови што никој не се осудува ни да го пипне - секоја промена во условите може да му ја смени масата, или заради корозија, или заради апсорпција. Повеќето луѓе на кои им е важно колку ТОЧНО тежи еден килограм (главно хемичари и физичари) ги калибрираат нивните најпрецизни инструменти користејќи реплики на моделот (таканаречени секундарни еталони), а не оној вистинскиот. Но овие реплики варираат во тежина кога ќе се споредат една со друга.
Оттаму метролозите одлучиле да искористат неколку формули од математика за да го редефинираат килограмот, процес што треба да заврши до 2018. Тоа го прават преку Планковата константа, бројката која ја доведува во врска фрекфенцијата на честичките со нивната енергија. Потоа, со користење на познатата равенка на Ајнштајн (E=mc²), можеме да ја конвертираме пресметаната енергија во маса (oдносно џули во килограми).
Тоа во превод значи дека ако сакате да проверите дали кило патлиџан е кило патлиџан треба да измерите фрекфенција на зрачење на нешто што нема врска со патлиџан. Или просто да им го испратите зембиљот во Севр, па да го чекате одговорот.
Важна напомена: во меѓувреме, односно до 2018-та, не значи дека бројката која ја гледате кога ќе се качите на вага не е точна.