Равенката е дека си мрзлив ако треба нешто да завршиш ама не го правиш тоа заради трудот кој е потребен, па наместо тоа или работата ја вршиш лошо, или бараш да завршиш нешто помалку напорно, или неправиш ништо.
Од друга перспектива мрзливи сме „ако нашата мотивација да се поштедиме себе си е поголема од нашата мотивација да направиме нешто како што треба или најдобро што може или како што се очекува од нас“, под претпоставка дека знаеме што е тоа.
„Меѓутоа мрзата е кодирана во нашите гени. Нашите номадски предци морале да ја штедат својата енергија за да можат да стигнат до ретките ресурси, да бегаат од предатори и да се борат со противници. Давањето напор за што било освен за краткорочна предност би можело да го загрози самото преживување.
Во доба без антибиотици, банки, патишта, фрижидери, имало малку логика да се размислува долгорочно. Денес преживувањето веќе не е во агендата, а наместо тоа долгорочната визија и посветеноста доведуваат до најдобар исход за поединецот. Сепак нашиот инстинкт и понатаму е дека треба да се штеди енергија, што нè прави одбивни кон проекти со далечен и несигурен исход,“ пишува Нил Буртон во Фаст компани.
Една од важните корекции што се споменува е дека не треба да се мешаат мрза и неправење ништо, бидејќи ова второто може да е резултат на тоа што „неправењето ништо и неговиот исход го вреднуваме повеќе од што било друго што би правеле.“ Пример, Џек Велч од Генерал електрик, минува по еден час дневно на гледање низ прозор.
„Неправењето ништо може да е предизвикано од мрза, ама исто може да е и најинтелигентниот начин на работење. Времето е многу чудна работа, и воопшто не е линеарно: некогаш, најдобар начин за негово користење е да го губиш,“ објаснува Буртон.
И покрај вака фино врамената мрза, на луѓе сепак им е страв да неправат ништо и попрво би се зафатиле со нешто отколку да мируваат. Пример за ова е сообраќајниот метеж, кој иако дава шанса да „дремеш“ во кола, секој попрво бара како да го избегне дремењето и да најде некој алтернативен пат, отколку да седи во колона.
Ако ви треба цитат за неправење ништо го имате Оскар Вајлд кој во „Критичарот како уметник“ од 1891 пишува:
„Да се прави сосема ништо е најтешката работа на светот, најтешката и најинтелектуалната.“