
Мајкрософт потпиша договор со компанијата Волтед Дип за да отстрани 4,9 милиони метрички тони измет од канализација, животински лепешки од фарми и земјоделско ѓубре, да ги напумпа во резервоари длабоко под земја и да спречи емисии на стакленички гасови.
Технолошките гиганти се принудени на вакви проекти за да ги компензираат индиректните огромни емисии на јаглерод диоксид - од горењето фосилни горива за производство на струјата што ја трошат дата-центрите. Компанијата xAI на Илон Маск се соочува со судска постапка во Мемфис поради загадување на воздухот од непријавените генератори на струја за суперкомпјутерот Colossus.
Волтед Дип отстранува CO2 за цена од 350 долари по тон, што значи дека од Мајкрософт ќе добие 1,7 милијарда долари. Деталите од договорот не се познати и можно е технолошкиот гигант да добие попуст поради огромното количество измет. Проектот ќе почне во 2026 година и ќе трае 12 години.
Техниката е специфична. Наместо да се извлекува јаглерод диоксид од воздухот, органски отпад го спојува во густа кашеста маса, која потоа се вбризгува околу 1,5 километар под земјата. Со тоа се спречува овој отпад да ослободува CO2 во атмосферата при распаѓањето.
Отпадот денес се фрла по депонии, во води или на отворено. Во сите тие случаи се распаѓа и ослободува CO2 и метан, кои го засилуваат стакленичкиот ефект во атмосферата или се впиваат во подземните води што ги користат луѓето, објаснува директорката на Волтед дип, Џулија Рајхелштајн.
Мајкрософт ветува дека до 2030 година ќе биде „јаглеродно негативна“ компанија и дека со разни еколошки проекти до 2050 година ќе отстрани повеќе стакленички гасови отколку што ослободила во атмосферата од своето основање. Во таа насока е инвестицијата за обнова на дождовните шуми во Панама, но и вложувањата во мали модуларни нуклеарни реактори за напојување на своите индустриски капацитети без последици за околината.