
Постојат средини кои се нездрави за луѓето. Планинарите, на пример, често подлегнуваат на висинска болест – реакција на телото на намалениот внес на кислород со секој здив.
Па сепак, на големи надморски височини како на Тибетската висорамнина, каде што нивоата на кислород во воздухот што го дишат луѓето се значително пониски, човечките заедници напредуваат.
Во текот на повеќе од 10.000 години регионот е населен, а телата на оние што живееле таму се промениле на начини што им овозможуваат на жителите максимално да ја искористат атмосферата која за повеќето луѓе би значела недоволно доставување кислород преку крвните клетки до ткивата на телото, состојба позната како хипоксија.
„Адаптацијата кон хипоксија на голема надморска височина е фасцинантна бидејќи стресот е сериозен и може да се квантифицира“, изјави за ScienceAlert антропологот Синтија Бил.
Таа и нејзиниот тим открија некои од специфичните адаптации во тибетските заедници: жените кои раѓаат се оние кои ги пренесуваат клучните особини на следната генерација, особини што го максимизираат успехот на поединецот во дадената средина.
Спровеле студија на 417 жени кои целиот свој живот го живееле во Непал на надморска височина од околу 3.500 метри. Мереле нивоа на хемоглобин како и тоа колку кислород носи хемоглобинот. Жените кои имале највисока стапка на живородени деца имале просечни нивоа на хемоглобин но неговата сатурација со кислород била висока. Бројот на живородени деца ги квантифицира придобивките од тоа.
Жените со највисока стапка на репродуктивен успех, исто така, имале висока стапка на проток на крв во белите дробови, а нивните срца имале пошироки од просечните леви комори, оние кои пумпаат оксигенирана крв во телото. Земени заедно, овие особини ја зголемуваат стапката на транспорт и испорака на кислород, овозможувајќи му на човечкото тело максимално да го искористи ниското ниво на кислород во вдишаниот воздух.