
Сателитски снимки сведочат дека во периодот од 2021 до 2023 година Антарктикот почнал да ја обновува својата ледена покривка и да ја зголемува масата. Промената е најзабележителна во источните региони Вилкс Ленд и Квин Мери Ленд, каде што беа дестабилизирани четирите главни и критични глечерски басени.
Анализите на податоците од сателитска гравиметрија (мерење на варијации на гравитацијата за да се утврдат промените во ледената маса) од мисиите GRACE и GRACE-FO ги збунија истражувачите од Универзитетот Тонгџи.
Во периодот помеѓу 2002 и 2010 година Антарктик губел ледена маса со брзина од 74 гигатони годишно, а во следната деценија се стопил речиси двојно повеќе мраз, дури 142 гигатони годишно. Но, од 2021 па до 2023 година трендот се променил и сега масата се зголемува со значителна стапка од по 108 гигатони годишно. Тоа е доволно за привремено да се неутрализира кревањето на глобалното морско ниво од 0,4 на 0,3 милиметри годишно.
Научниците предупредуваат дека оваа промена веројатно е последица на невообичаено засилени врнежи и дека е рано да се каже дека климатската криза е надмината, наспроти позитивните сигнали.
Ледената покривка на Антарктикот содржи повеќе од половина од свежата вода во светот и нејзиното топење, најмногу го крева нивото на морињата, заедно со губењето на мразот на Гренланд и затоплувањето на океаните. Климатски експерти предупредуваат дека ако се истопат само четирите критични глечери - Тотен, Денман, Москва и Винсен Беј, ќе се испушти огромно количество вода што би можела да го крене нивото на морето за 7 метри.