Истражување на британскиот институт за домаќинство покажува дека младите луѓе (и не само тие), имаат проблем со наједноставните интервенции по дома. На пример, толку се станати зависни од машините за миење садови што не им е најјасно кои се правилата кога тоа треба да се прави рачно. Од тие причини издале и прирачник со детални упатства за миење садови, дека прво треба да се отстранат остатоците од храна, дека први се мијат чашите а последни тавчињата и слично.
Миењето садови е непознаница за над 50% од младите на возраст од 18 до 24 години од кои огромното мнозинство живее со родителите. Но ист проблем имаат и некои постари, 25% од оние од 35-44 години.
А миењето не е единствената операција која создава проблеми на западниот човек. Истражувањето покажало дека денешниот хомо сапиенс кој живее во една развиена земја како Велика Британија има потешкотии и во следниве "потфати": менување сијалица (по едно истражување 21% при што е утврдено дека најголем проблем во конкретниот случај е каков тип сијалица да се купи), шиење копче, ресетирање автоматски осигурувач (менување жички на бушон одамна е заборавено), местење кревет, испуштање радијатор и крпење чорапа.
Се разбира, на Јутјуб има видеа за сето тоа, и за крпење чорапи и за менување гума и за сè друго што ќе ви текне.
„Животот се менува но сепак е жално што ги губиме сите тие вештини. Тие можат да ни заштедат пари а најчесто и време бидејќи е побрзо нешто сам да поправиш отколку да го аутсорсираш решението. Да не зборуваме за релаксирањето и задоволството кои можат да ни ни ги донесат тие мали интервенции“, вели Триша Скофилд од англискиот институт за домаќинство.