Коли без клуч се обиваат без мака

Најголемата автомобилска асоцијација во Германија и Европа ADAC (имаат 21 милион членови) последниве години тестирала преку 700 различни типови автомобили „без клуч“ а резултатите се поразителни. Таквиот систем за отклучување и палење на колата многу го олеснува секојдневието на возачите. Но и на лоповите.

Само девет проценти од тестираните "keyless" автомобили биле солидно заштитени и не можеле да се отворат со едноставен уред за продолжување на дометот на сигналот кој се користи за нивно крадење.

Принципот е крајно едноставен: лоповите го фаќаат сигналот на оригиналниот клуч (најчесто во домот на сопственикот) и со еден уред го праќаат до друг уред покрај возилото. Тој уред потоа го репродуцира сигналот и се завршува работата. Потоа лоповите можат да возат сè додека не го угасат моторот што им овозможува лесно бегство.

Сопствениците на возила со вакви системи ги демне уште една компликација. Ако украденото возило го најде полицијата, нема да има трагови на обивање и ете проблеми за отштета и сомнежи дека тие сами ја лажирале кражбата за да го измамат осигурувањето.

Производителите можат ваквите системи да ги направат посигурни со помош на дигитална радио технологија која користи чипови со ултраширок појас кои служат за прецизно одредување на оддалеченоста на клучот од автомобилот, преку времето потребно за пренос на радио сигналот. Можат, ама се поскапи.

Оваа технологија првпат беше вградена во Јагуар во 2018 година а потоа се приклучија и Фолксваген, Мерцедес, БМВ, Киа, Хјундаи, Сузуки... При купување, не е лошо човек да се распраша за тој детал.

Во некои случаи ваквиот систем може сопственикот да го деактивира, но останува бе комфорот да не се фаќа за клуч.

Се препорачува клучот да не се држи блиску до влезна врата или прозорец, или пак да му се направи „фарадеева кутија“, односно да се чува во метална лименка или сад обложен со алуминиумска фолија.

 

 

 

2 септември 2024 - 07:17