Како Англичаните и Севернокорејците известувале за поразите
Малкумина верувале дека репрезентацијата на САД, составена од анонимни аматери, со седум последователни порази, ќе може да направи нешто на СП во Бразил против тогаш моќната Англија. Англиските медиуми со денови пред натпреварот ги исмејувале Американците, пишувајќи како само тие и Ескимите не знаат да играат фудбал. Но репрезентацијата на САД победила, со голот на хаитскиот имигрант Жое Гатјенс. Некои медиуми тогаш во Англија пренеле дека Англија победила со 10-1, а подоцна се ваделе со грешка во праќањето вести по телеграф.
Сепак, првак во лажното известуваше од СП е Северна Кореја. На првенството во 2010 во Јужна Африка, таа го загубила првиот натпревар против Бразил со 2-1, но тамошните медиуми направиле комична монтажа според која излегло дека Кореја победила со 1-0. Охрабрен од добрата игра против Бразил, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил по прв пат во историјата одобрил директен пренос на натпревар од светското првенство. Што се покажало како лоша одлука, затоа што во тој натпревар Кореја била прегазена од Португалија со 7-0. Се шпекулира дека севернокорејските фудбалери по тој натпревар дресовите ги замениле со рударска опрема.
Снимка од вести на Севернокорејската телевизија, прикажана 36 часа по завршувањето на натпреварот:
Како фудбалот започнувал и прекинувал војни
Во 1970, заради квалификациите за светското првенство во Мексико, избила вистинска војна помеѓу соседните Салвадор и Хондурас, кој однел најмалку 2,500 животи. Откако Салвадор го исфрлил Хондурас во баражот за СП, воената хунта на чело на државата ја искористила еуфоријата и на 14. јуни 1969 почнала војна против Хондурас со која претходно Салвадор бил во типична соседска кавга околу границите. Салвадор не постигнал многу во оваа бизарна војна, а не се прославил ни на СП, губејќи ги сите три натпревара со вкупна гол разлика 0-9.
Но фудбалот знаел и привремено да прекине војни. Откако Брегот на слоновата коска се пласирала на СП во Германија во 2006, на кратко е запрена крвавата граѓанска војна во земјата, за обете страни во мир да можат да го слават успехот на државната репрезентација. Примирјето додуша траело кратко, а ни настапот на Брегот на слоновата коска не траел подалеку од првиот круг.
Контроверзни ликови на судии
Една од најголемите ѕвезди на фудбалското првенство од 1930 во Уругвај бил бразилскиот судија Џиблерто де Алмеида Рего. Најпрвин на натпреварот помеѓу Франција и Аргентина (0-1) се збунил и по грешка го скратил мечот за цели шест минути. Откако сфатил што направил, барал од играчите - кои веќе биле по гардероби - да се вратат на теренот и да ја продолжат играта.
Истиот на натпреварот помеѓу Југославија и домаќинот Уругвај (1-6) невидено пристрасно судел за домаќините. Фарсата отишла до таму што пред третиот гол на Уругвајците топката излегла во аут, од каде еден полицаец со нога ја вратил на теренот и му асистирал на напаѓачот на домаќинот за погодок. Рего само покажал да се игра понатаму.
Освен него се прославил и судијата Улисес Сауцедо, кој на натпреварот Аргентина-Мексико (6-3) досудил дури пет пенали, од кои три непостоечки. Овој Мундијал останал запаметен и по тоа што се играл само во еден град, Монтевидео (додуше на три стадиона), како и по тоа што бил единствен во историјата на кој не се одиграл натпревар за трето место.
Најголемиот несреќник на СП
Најнесреќниот навивач во историјата на СП е Аргентинецот Педро Гатика. Тогаш 52-годишен, тој во 1986 со точак минал повеќе од 10,000 километри од Буенос Аирес до Мексико сити, каде сакал да го гледа финалето на Мундијалот. Но по пристигнувањето сфатил дека нема влезници, а за несреќата да биде уште поголема, некој му го украл точакот додека се расправал со продавачите на карти.
Најбизарниот слободен (и протестен) удар
Изведен е 1974 на мундијалот во Западна Германија. По прекршокот над Бразилецот Ривелин, дефанзивците на Заир (ДР Конго) застанале во жив ѕид, а Бразилците се подготвувале да го изведат ударот. Тогаш од живиот ѕид излетал Заирецот Мвепу Илунга и на сеопшто чудење го извел слободниот удар. Подоцна признал дека тоа го направил намерно, за судијата да го исклучи, а во знак на протест заради одлуката на властите во неговата држава на играчите да не им исплати заработка, иако Заир тогаш била првата субсахарска репрезентација која изборила учество на СП. Илунга сакал да добие црвен картон, затоа што тврдел дека нема смисла да игра и да ризикува повреда ако неговата плата отиде кај апашите од власта, кои натпреварот го следеле од свечената ложа. Ама тоа баш и не му успеало, затоа што збунетиот судија му дал само жолт картон.