„Воздивнувањето е важно за одржување на функцијата на белите дробови", вели Џек Фелдман, истражувач на мозокот на Универзитетот Калифорнија во Лос Анѓелес. Периодичните длабоки земања воздух ги полнат малите воздушни „вреќички" во плуќата кои се издишале. Но мозочните дејства зад овие рефлексивни воздишки до сега беа мистерија.
Барем што се однесува до глувците, сега постојат докази дека невролошките патишта минуваат низ посебен дел од мозочното стебло кое го регулира дишењето. Во текст објавен во новиот број на списанието Nature, Фелдман тврди дека тој и неговиот тим идентификувале мрежа која се состои од околу 400 неврона.
Во претходни експерименти беше откриено дека супстанца наречена бомбесин може да го зголеми бројот на воздишки кај стаорците. Тие вообичаено воздивнуваат 40 пати дневно, но откако им бил вбризган бомбесин тоа го правеле 400 пати на час (греота), иако дишењето не се променило.
Зошто супстанцата која ги предизвикува и локацијата од каде доаѓаат воздишките се важни за луѓето? Оние што се хронично вознемирени толку често воздивнуваат што тоа им пречи во секојдневниот живот. Од друга страна, луѓе кои имаат потешкотии да дишат длабоко заради срцеви проблеми или дебелина може на овој начин да бидат стимулирани почесто да воздивнуваат.
Невролозите сепак не се занимавале со емоциите кои ги поттикнуваат оние страдалнички љубовни, носталгични или олеснувачки воздишки. „Можеби тие се начин за невербална комуникација", вели Фелдман. Друга можност е дека тие се рефлекс кој ни помага да се смириме. Како и да е, спротивно на познатите стихови, воздишката не е само воздишка.