Има вечен живот, ама не како што го замислувате

Во потрага по бескраен живот, научниците анализирале 46 различни видови вклучувајќи цицачи, растенија, алги и габи. На крај успеваат да најдат вид кој има вечен живот.

Она што ќе ја убие еуфоријата околу откритието е што во вечен живот уживаат само слатководните полипи (Hydra magnipapillata), на кои процесот на стареење речиси комплетно нема никакво влијание (можат да живеат и по 1.400 години без речиси никакви промени). Hydra magnipapillata е повеќе-клеточен организам, кој живее во незагадени слатки води. Тие можат да бидат долги и до 10 милиметри.

Додека луѓето, цицачите и птиците, стануваат се послаби со минување на годините, некои организми како желките и одредени видови дрва, стануваат се посилни. Така пустинските желки имаат најголема смртност додека се млади, а како што стареат стапката почнува да опаѓа. Истото се случува и кај голем број растенија и дрва.

За овие сорти е карактеристично дека со стареењето кај нив не се намалува способноста да се репродуцираат, што е случај кај луѓето кои имаат ограничен период во кој можат да се размножуваат.

"Не е разумно да се смета дека стареењето е базирано на тоа колкава старост дочекуваат видовите. Наместо тоа, многу е поинтересно стареењето да се дефинира врз основа на формата на траекториите на смртноста - дали стапката се зголемува, намалува или останува иста со текот на годините," објаснуваат од Универзитетот на Јужна Данска.

11 декември 2013 - 15:23