
Октоподите ги имаат потребните квалификации да станат следниот доминантен вид на планетата ако го снема човештвото, тврди биологот Тим Коулсон од Универзитетот во Оксфорд.
Тие се создадени за опстанок. За разлика од луѓето, кои населуваат релативно тесен опсег на средини, октоподите се прилагодени да живеат во различни услови, од длабокото дно на океанот до плитките води. Некои видови имаат можност да преживеат глобална катастрофа, да се прошират и во текот на еволутивно време да колонизираат широк спектар на средини, објаснува Коулсон.
Наспроти ниската класификација на мекотелите на еволутивните гранки, октоподите се истакнуваат со висока интелигенција. Октоподот Пол на светското првенство во фудбал во 2010 година стана планетарна ѕвезда откако избирајќи храна во својот аквариум ги претскажа сите резултати на Германија и предвиде дека Шпанија ќе го подигне пехарот.
Улогата не ја добил случајно. Одамна е потврдено дека октоподи лесно стигнуваат до излез во лавиринт, а во следните обиди веднаш тргнуваат по најкусиот пат. Во морињата се забележани видови што користат лушпи од кокос како засолниште или оклоп. Рационално ги користат резервите за храна.
Имаат и неверојатни телесни својства. Можат да го прилагодат телото за да се протнат низ отвори, а некои видови во миг ја прилагодуваат бојата кон околината за да бидат незабележливи.
Интелигенцијата не може да се споредува со онаа на човекот, зашто мозокот им е сосема различен и се протега низ краците.
Октоподот има високо еволуиран нервен систем. Не можеме да ја наречеме „мозок“ густата концентрација на неврони што ги поврзуваат осумте екстремитети со огромните очи. Тоа повеќе е масивен центар за обработка на податоци. Како суперкомпјутер со пипала што вшмукуваат. Можат да манипулираат со секакви предмети, вели Енди Добсон од Универзитетот Принстон.
Единствената слабост им се социјалните навики. Тие вообичаено целиот живот го поминуваат осамени. Без да создаваат општествени структури, тие не можат да учат едни од други.
Најголемата закана за опстанок им е човекот, поради прекумерниот риболов и труењето на морињата со микропластика.